Основниот суд Струга му го одзеде пасошот на градоначалникот Рамиз Мерко и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот, откако струшкото обвинителство поднесе Обвинителен предлог против него и ги побара мерките поради опасност од бегство. Обвинет е дека како градоначалник на Општина Струга во март годинава, поставил спомен-обележје плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, соопшти Обвинителството.
Станува збор за старата зграда на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, каде по реконструкцијата се смести Општината, која во март доби спомен-плоча испишана само на албански јазик со која се велича фашистичката окупација на градот, кога Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. Текстот на еднојазичната табла во превод содржи: основно училиште, Конгресот во Битола и датумот на негово отворање 1 септември 1941 година. Советниците тогаш најавија дека ќе ги преземат сите правни механизми кои им стојат на располагање за да се спречи, како што велат, понатамошното ширење на национализам, шовинизам и фашизам од градоначалникот на Струга.
Оваа училишна зграда е изградена уште во 1934, а од 2013 со решение на Управата за заштита на културно наследство е прогласена како значајно културно наследство. Денеска тука е сместена општинската администрација, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека зградата била присвоена, узурпирана и незаконски реконструирана од градоначалникот кој во неа ја смести Локалната самоуправа.
Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон. Имено, со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во јуни 2023, Стејт Департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко од редовите на ДУИ како непожелен за влез во САД поради вмешаност во значајна корупција.