Skip to main content

Приведени двајца млади охриѓани, двапати се обиделе да прегазат полицајци на патот Охрид – Стуга

МВР

Двајца млади охриѓани се приведени по драматичен инцидент на регионалниот пат Охрид–Струга, откако возач на автомобил со кој се движеле се обидел да избега и директно да налета на полициски службеници.

Инцидентот се случил вчера околу 16 часот, кога криминалистичката полиција при СВР Охрид запрела патничко возило „поло“ со охридски регистарски таблички. Автомобилот го управувал Е.О. од Охрид, а во него како сопатници биле А.А. (20) и Ј.Ј. (24).


Наместо да застане, возачот ја зголемил брзината и со возилото се упатил директно кон полициските службеници, по што избегал од местото на настанот. По кратко време, полициските екипи ги лоцирале двајцата сопатници во селото Требеништа, општина Дебрца, каде што биле лишени од слобода.

Драмата не завршила тука. По извесно време, на местото пристигнал и возачот Е.О., овојпат со возило „фолксваген туран“. И повторно, со голема брзина го насочил автомобилот кон полициските службеници и избегал.

Од полицијата информираат дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на возачот, а по целосно расчистување на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени кривични пријави за дела предвидени во членовите 215 и 383 од Кривичниот законик.