
Јавното обвинителство поведе истрага против 47-годишник затоа што за него постои основано сомнение дека сторил Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Ноќеска после полноќ, осомничениот управувал автомобил „Мерцедес“ по левата сообраќајна лента од улицата „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но притоа не се придржувал кон прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај. 47-годишникот го управувал возилото со алкохол од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената, не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин. Поради тоа, со предниот дел од возилото удрил во жена која како пешак попречно го преминувала коловозот на пешачкиот премин.
Од ударот, жртвата се здобила со тешки телесни повреди – скршеница на долни екстремитети.
За осомничениот се определени мерки на претпазливост кои вклучуваат привремено одземање возачка дозвола и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска осомничениот да се јавува на одредено службено лице во судот, како и привремено одземање на патната исправа.