Skip to main content
Обвинителството бара постапка за насилство

Пет малолетници пресретнале две деца пред училишен двор во Сарај и крвнички ги претепале

Основното јавно обвинителство Скопје, до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка за вкупно пет деца во судир со законот, бидејќи презеле дејствија кои се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 од Кривичниот законик.

Станува збор за малолетници, на возраст од по 14 и 15 години, заедно со уште едно дете кое не наполнило 14 години и не може кривично да одговара, во група извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници.

Како што се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, настанот се случил на 12 декември во дворот на О.У. „Дитурије” во Сарај. Двете деца – жртви на насилството тргнале да си одат дома кога на излезот од училишниот двор ги пресретнале напаѓачите. Почнале да ги удираат со тупаници и клоци по главата и телото. Едното оштетено дете се здобило со површинска рана на главата, додека на другото дете му нанеле тешки телесни повреди – контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело.

Со насилството, сторителите предизвикале чувство на несигурност и страв и кај други деца кои во тој момент излегувале од училиштето.

Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот, но и потребата да се обезбеди непречено водење на постапката, јавниот обвинител на судијата му предложил да определи мерки на претпазливост – јавување во суд, одземање на патната исправа и забрана за приближување и остварување какви било контакти со оштетените деца.

Поврзани вести