Skip to main content

Палевски незадоволен од судијата, но Судскиот совет му кажа „не“

Љупчо Палевски – Палчо, кој првостепено е осуден на доживотна казна затвор за грабнувањето и убиствата на тинејџерката Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, поднел претставка до Судскиот совет, жалејќи се на, како што навел, предолгото изготвување на писмената пресуда од страна на судијата Ивица Стефановски.

Претставката била разгледана на денешната седница на Судскиот совет, но по расправата, членовите едногласно ја отфрлиле како неоснована. Во неа, Палевски изразил незадоволство и од целокупното постапување на судијата Стефановски во предметот, чија пресуда веќе се наоѓа во Апелациониот суд.

Судијата Ивица Стефановски, пак, до Судскиот совет доставил писмено изјаснување во кое посочил дека станува збор за исклучително сложен предмет, со обемен доказен материјал, голем број сведоци и повеќе обвинети. Тој навел и дека во периодот на изготвување на пресудата имал здравствени проблеми поради кои бил отсутен од работа.

Паралелно со оваа постапка, по изрекувањето на доживотната казна затвор, Палевски поднел и жалба до Апелациониот суд во Скопје, со која бара да биде ослободен од вина или предметот да се врати на повторно судење. Жалбата е поднесена преку неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, кој во јавноста тврдеше дека во првостепената постапка биле направени сериозни процесни пропусти.

Според одбраната, дел од доказите на кои се повикува судот во пресудата не биле изведени на главната расправа, а на одредени места, како што тврдат, судот се повикал на искази на обвинети како доказ, што, според нив, е правно недозволиво. Адвокатот најави дека на јавната седница пред Апелациониот суд детално ќе ги образложат овие наводи, особено во делот на временските несогласувања и логичките противречности во пресудата.

Судија-известител за предметот во Апелациониот суд во Скопје е Ѓоко Ристов, а предметот веќе е доставен на мислење до Вишото јавно обвинителство Скопје. Жалба на првостепената пресуда поднесе и Јавното обвинителство, но во делот што се однесува на ослободителната одлука за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше ослободен од обвинението за помагање при грабнувањето.

Со првостепената пресуда, на Палевски, Манев, Видевски и Кешишев им беше изречена по 10 години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и доживотна казна затвор за двете убиства. И покрај донесената пресуда, мотивите за злосторствата што ја потресоа јавноста во 2023 година сè уште не се целосно разјаснети.

Се очекува Апелациониот суд во наредниот период да закаже јавна седница, по која ќе одлучи дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укине и ќе наложи повторно судење или ќе донесе поинаква одлука.

Поврзани вести