
Полицијата изутринава го лиши од слобода бизнисменот Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби кои се проценуваат на околу 15 милиони евра.
Крмзов е уапсен по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Од страна на полициски службеници по насоки од јавен обвинител од ОЈО за ГОКК лицето Р.К. е лишено од слобода, потврдија за МИА од МВР.
Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на брифинг со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година и посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.
Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.
Истрагата на надлежните органи околу случајот „Крмзов“ покажува дека повеќе милиони евра од Еуростандард банка се префрлани на сметки во Турција. Истрагата, според објавите во медиумите, се шири на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за злоупотреба на парите.
Премиерот Христијан Мицкоски на 16 септември, лани, во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во претстојниот период.