
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска во зградата на ОЈО ГОКК ќе одржи брифинг во врска со постапката за предметот „Бункер“ и предметот поврзан со Раде Штекли.
Во акцијата „Бункер“ беа уапсени четири лица кои организирале нарачани убиства, еден од убиените е Оки од групата Грчец.
Врз основа на обезбедени докази во текот на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“ во предметот под кодно име „Бункер“, под раководство на предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска во текот на утринските часови единиците на МВР извршија претреси на пет локации во Скопје. При претресите четири лица се приведени, а во дом на еден од осомничените е пронајдено поголемо количество на марихуана што ќе биде предмет на вештачење.
Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четворицата приведени за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело Убиство, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според обезбедените докази во текот на 2023 година осомничените станале припадници на група која дејствувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривични дела Убиство од одмазда и по порачка за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор и други кривични дела. Тие прифаќајќи ги одлуките и насоките од организаторите на криминалната група, во континуитет преземале дејствија на обезбедување услови, отстранување пречки и ставање средства на располагање за извршување на порачките за лишување лица од живот. Така, тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група Грчец. Во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало, се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за тројца од осомничените до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека за еден осомничен предлог за определување мерки на претпазливост.
Раде Трајковски Штекли беше приведен на 18.01.2025 година.
Министерството за внатрешни работи потврди дека е уапсен Раде Трајковски Штекли. Тој бил уапсен во близина на хотел во Гевгелија, при обид за бегство.
Штекли се сомничи за трговија на дрога. Предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства. МВР и Бирото за јавна безбедност се во потрага и апсење на целата негова група.
Оваа акција на МВР следува по сузбивањето на арачиновската група Беланоца.
Штекли е познат по пресметките со нарко картелите. Тој се поврзува со низа кривични дела, во август и во октомври 2023 година избегна два обиди за убиство на иста локација – во Ист Гејт Мол во Скопје.
Тој на полицијата и е познат уште од 2011 година кога беше уапсен во Грција како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за случајот.
Брифингот ќе биде со предметната обвинителка Верица Бержецка Крстева, а на истиот ќе присуствуваат и Јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на ОЈО ГОКК Ислам Абази.