
На 03.04.2026 од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во содејство со САЕ Тигар беше спроведена оперативно-тактичка мерка “заседа”, долж автопатот “пријателство” во близина на Градско, со цел спречување на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога на територијата на Р.Македонија, при што пресечен е транспорт на наркотична дрога -марихуана и запленета е поголема количина.

Лишени од слобода се две лица и се спроведени во Полициска станица Велес.
Имено, полициските службеници при ОСОСК и САЕ Тигар на наплатна рампа Стоби, забележале сомнително движење на патничко возило “сеат алтеа” со скопски регистарски ознаки, при што возачот на даден знак да застане со цел да биде легитимиран, со голема брзина се дал во бегство во правец кон Градско. За кратко време полициските службеници го пристигнале и пристапиле кон негово легитимирање и извршиле преглед на наведеното возило.
Од извршениот преглед на патничкото возило “сеат алтеа” управувано од Ф.Н. пронајдени и одземени се четири црни торби, во кои биле сместени вкупно 65 кеси со растителна материја со вкупна тежина од 65 килограми и два телефонски апарати.
Денеска (04.04.2026), од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно Јавно Обвинителство Велес, ќе биде поднесена кривична пријава против Ф.Н.(38) од Скопје и Ј.М(55) од Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.

Пронајдената растителна материја врз основа на издадена Наредба на јавен обвинител од ОЈО Велес, ќе биде предадена во Одделот за Форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи на Р.Македонија.

Македонски


