Skip to main content
Возачот е казнет

Автобус со неисправни сопирачки возел двојно повеќе деца од дозволеното на булевар „Борис Трајковски“

Министерството за внатрешни работи објави дека неговата мобилна единица санкционирала правен субјект, одговорно лице и возач на автобус со кој се врши јавен превоз на патници и во кој се утврдени неисправни сопирачки. 

На 03.04.2026 година во 07:45 часот на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи извршена е контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца), при што е констатирано дека во истиот се превезуваат 85 патника, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патника, односно возачот Ј.Д. (63) од Скопје, превезувал со автобусот 37 патника (деца) повеќе од дозволеното“, објави МВР на својот фејсбук профил.

Над возилото е извршен и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед од страна на стручни лица, при што е утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат нормална видливост (скршено ветробранско стакло).

Против правниот субјект, одговорно лице во правното лице и возачот Ј.Д. (63) од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај се до отстранување на недостатоците“, објави МВР.

Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се придонесе за побезбедни патишта.

Поврзани вести