
На вториот ден расправа за ребалансот на Буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска пратениците од власта и опозицијата продолжија со меѓусебни обвинувања – за пратениците од власта предложениот ребаланс ја отсликува стабилната и одговорна економска политика на Владата со повеќе средства за плати, пензии и капитални инвестиции, додека за опозицијата тој е обид да се прикријат пропустите со јавните финансии.
Комисиската расправа по предлог ребалансот на Буџетот почна на 2 јули и продолжува утре во 12 часот. За ребалансот поднесени се над 200 амандмани.
Според Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот е од суштинско значење за стабилноста и растот на нашата економија, но и за благосостојбата на сите граѓани, додека според Сања Лукаревска од СДСМ, не е се така розово како што сакаат го претстават.
Амар Мециновиќ, од Левица со дрес на шведската репрезентација, алудирајќи на како што рече „шведските политики на власта“, рече дека сите желби на приватниот сектор и олигархијата се исполнуваат со овој буџет, додека за работниците ништо, оценувајќи дека ова е буџет на една длабоко задолжена држава.
Во претпладневниот дел од расправата, пратеникот Оливер Спасовски од опозициската СДСМ оцени дека предложениот ребаланс на буџетот претставува обид на власта да ги прикрие сериозните пропусти во управувањето со јавните финансии и непланираните расходи, што, според него, отвора пат за дополнително задолжување и загрозување на економската стабилност.
-Ваквата политика ќе го отежне економското функционирање на граѓаните и бизнисите, рече пратеникот Спасовски.
Тој потенцираше дека ова е прв ребаланс на буџетот кој се прави на буџет што го создаде ВМРО-ДПМНЕ и со него има ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината, што претставува, вели тој, дополнителни 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и што, додава тој, ќе ја пробие критичната граница од 60 проценти јавен долг во однос на БДП, поставувајќи ја во ризик иднината на државата и граѓаните.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски му реплицираше на пратеникот Спасовски дека задолжувањата ќе се враќаат, а како што рече, на опозицијата и пречи што има повеќе приливи од страна на Царината и останатите институции.
Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека клучната поента е стабилизација на економијата, преку растот на БДП од 3% и зголемената економска активност во сите сектори. Тој посочи дека особено е значајна поддршката од страна на Владата за локалната самоуправа, со цел да се унапреди развојот на општините како основа за стабилна држава.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти.
Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.
Со ребалансот се врши реалокација на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а се обезбедени дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.