Skip to main content

Вицегувернерката Митреска: Со дигитална трансформација и иновации на малите и средни претпријатија до поголемa продуктивност

Народна банка

„Според извештаите на меѓународната институција ОЕЦД, нашата земја бележи најголем прогрес во делот на услугите за поддршка на малите и средни претпријатија. Нашите оцени се над просекот на земјите од Западен Балкан во делот на финансии, иновациска политика и интернационализација, но се уште постои простор за поголем развој на претприемничкото учење и женското претприемништво како и деловните вештини. Ова го посочи вицегувернерката Ана Митреска во обраќање на четвртиот регионален „Марили Бизнис Форум“.

И покрај големата улога на малите и средни претпријатија во создавањето на додадената вредност и вработеноста, нивната продуктивност на трудот кај нас е за 3,5 пати пониска во споредба со просекот во Европската Унија. Сепак се забележува одредена конвергенција, со оглeд на тоа што растот кај нас е 20 проценти, наспроти 2 проценти во ЕУ. Дигиталната трансформација и иновациите се можност за поголем раст на продуктивноста, истакна вицегувернерката Митреска, посочувајќи на податоци коишто покажуваат дека дури 60 проценти од компаниите кај нас на овој пазарен сегмент имаат многу низок индекс на дигитална интензивност, наспроти само 30 проценти во ЕУ.

Таа се осврна и на главните проблеми со кои се соочуваат малите и средни компании, при што укажа на тоа дека одредени анкетни истражувања и за нас и за ЕУ покажуваат дека клучни ограничувачки фактори за поголем раст се достапноста на квалификувана работна сила, пронаоѓањето клиенти и трошоците за производство. Пристапот до финансии како предизвик е посочен само од мал дел, односно од 8 проценти од малите и средни претпријатија.

Во обраќањето вицегувернерката ги претстави и активностите на Народната банка, преку коишто индиректно се овозможува поголема поддршка на овој корпоративен сегмент, како што се Стратегијата за финансиска едукација и инклузија, проектот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, кој е насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи, поддршката на зеленото кредитирање, како и членството во СЕПА кое ќе донесе побрзи и поефикасни платежни услуги, намалени трошоци за прекугранични плаќања и полесно вклучување во прекугранична трговија.

Поврзани вести