Skip to main content
GT2vyH7xjQM

Ставањето во законска рамка на тргувањето со криптовалути ќе ја направи Македонија најбрзо растечка економија во Европа

Користењето на криптовалути е иднината на финансиските пазари. Токму затоа Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Според Премиерот Христијан Мицкоски тоа е иднината и со канализирање на тргувањето со криптовалути во законски рамки, ќе бидеме меѓу првите земји во регионот кои тоа ќе го направат, со што би фатиле чекор со иновативните решенија и би ги почувствувале бенефитите од тој процес.

Што се криптовалути, каков бенефит од нив ќе има државава, но и кои закони треба да се изменат или донесат, во интервју за Република, објаснува Дарко Симуновски, крипто експерт, уредник на tokenpaddock.com, и автор на книгата Фундаменти на Криптоиндустријата.

1.Каква е иднината на криптовалутите и што би значело нивно регулирање во Македонија?

Криптовалутите се нова класа на финансиски средства и имаат светла иднина што ветува многу, а нивните предности ќе го преобликуваат глобалниот финансиски и технолошки пејсаж од повеќе аспекти.
Криптовалутите работат на децентрализирани блокчејн мрежи, што значи дека не се контролирани од било каков централен ентитет.
За разлика од традиционалните берзи на акции криптовалутите можат да се тргуваат глобално и постојано 24/7. Истотака тие нудат можност за целосна финансиска автономија на корисниците, затоа што нема потреба од посредници односно брокери.
Криптовалутите нудат финансиска инклузија за секој човек во светот, потребно е само интернет конекција.
Моментално има околу 600 милиони лица во светот што тргуваат со криптовалути и бројот на корисници рапидно расте. Светската адоптација на дигиталните средства рапидно расте дури побрзо од корисниците на интернетот лани беа околу 430 милиони корисници што претставува раст за 170 милиони корисници.

Регулирање на дигиталните средства во Македонија ќе овозможи влез на свеж капитал, нови работни места и раст за приватниот сектор и побогати граѓани.
Но сепак тоа зависи од типот на регулативи што ќе бидат донесени и од нивото на знаењето на сите инволвирани во самиот процес. Доколку има пообемни робусни регулации тоа ќе значи повеќе бенефити за граѓаните, приватниот бизнис сектор и државата, во спротивно може само да наштети на сите и Македонија да ја пропушти оваа златна прилика за еволутивен развој. Токму затоа би сакал да најавам дека наскоро ќе формираме блокчејн асоцијација што би помогнала во овој процес.

2.Какви регулации би требало да се направат и колку време е потребно да се заокружи тој процес, за да може да се почне со реализација на овие најави?

Јас имам конкретни предлози и професионален тим за регулација на криптовалути и имплементација на блокчејн технологија. Со евентуална реализација на моите предлози Македонија ќе има најголем економски раст во историјата на постоењето, истовремено заштитувајќи ги корисниците и одржувајќи го интегритетот на наследените финансиски пазари и стабилноста на националната валута денар и зголемување на неговита ликвидност.
Еве дел од моите предлози:

  • Поттикнување на иновации преку поддршка и олеснување на развојот и имплементацијата на иновативни блокчејн решенија во приватен и јавен сектор, со цел да се постигне транспарентност и ефикасност.
  • Обезбедување на ресурси, обука и едукација преку различни начини за населението, бизнисите и политички чинители, со цел за да се подобри разбирањето за блокчејн технологијата и нејзините импликации во општеството.
  • Поддршка за бизнисите и јавниот сектор за имплементација на блокчејн и употребата на криптовалути.
  • Поддршка и истражување на нови апликации и справување со новите предизвици кои дополнително би се појавиле во целиот процес. Истотака соработка меѓу сите учесници во крипто индустријата вклучително и стартапи, основани компании и академски институции, за да се поттикне колективниот напредок и иновациите во областа.
  • Верификација на идентитет базирана на блокчејн преку законски рамки за управување со дигитален идентитет и одбрана на приватноста.
  • Додавање на ново административно тело за регулација на криптовалути како нов сектор во постојната КХВ.
  • Регулација на централизирани менувачници и други учесници кои нудат тргување на криптовалути.
    Истотака, додавање на законска рамка за заштита на инвеститорите против нечесни чинители кои промовираат непостоечки финансиски средства и ги доведуваат во заблуда инвеститорите.
  • Права на интелектуална сопственост преку носење на законски акти за заштита на интелектуалната сопственост поврзана со блокчејн иновации, вклучувајќи патенти, авторски права и брендирање.
  • Носење на законски рамки за крипто средства да се овозможи тргување на криптовалути во склоп со други финансиски средства за приватни инвестициски фондови. Со ова ќе се стимулираат финансиските пазари во државата, ќе се даде дополнителна сигурност за инвеститорите и потенцијално ќе се зголеми капиталот на сите инволвирани страни.
  • Приватност и безбедност на податоците преку регулативи за да се осигураме дека блокчејн апликациите се усогласени со законите за заштита на податоците, вклучително и одредби за согласност од корисникот, енкрипција на податоците и безбедно складирање на податоци за да не се случуваат несакани настани како што беше хакирање на ФЗО.
  • Закон за класификација на токени и токенизирани хартии од вредност. Дефинирање на правна класификација на различни видови токени и нивниот третман според законите за хартии од вредност за да се обезбеди јасност и регулаторни насоки.
  • Имплементација на платежен систем во државата за крипто-денар трансакции и обратно.
    Дозволено тргување на стоки и услуги со криптовалути меѓу потрошувачите и приватни фирми.
    Со цел за одржување на стабилноста и ликвидноста на денарот, секоја крипто трансакција ќе биде конвертирана во денари.
  • Поединците имаат право на приватност и контрола врз нивните лични податоци и финансиски средства.
    Истатака, право на пристап, односно луѓето мора да имаат можност слободно да пристапуваат и да ги користат нивните дигитални средства вклучувајќи и банкарски трансакции поврзани со криптовалути.
  • Создавање јасни законски рамки за процес на токенизација. Како на пример токенизација на: Недвижности, обврзници, хартии од вредност, комодитети, документи, сопственост катастар и многу други можности, со цел за влез на свеж капитал и докажување на транспарентност.
  • Нула данок на добивка од криптовалути, државата ќе има прилив од веќе постоечките даноци како што се 10% на добивка на компании и данок на додадена вредност.

3.Колкав финасиски бенефит би донело регулација на криптовалути и блокчејн технологија за Македонија?

Доколку се донесат горенаведените предлози Македонија ќе биде најбрзо растечка економија во Европа ќе има нови инвестиции и работни места.
Додека имплементација на блокчејн технологија ќе им даде ефикасност, брзина, сигурност и транспарентност на приватниот и јавниот сектор.

4.Дали има земји во регионот кои веќе имаат регулирано трговијата со дигитални валути и кои земји во светот го имаат тоа направено?

Генерално секаде во светот можете да купувате и плаќате со крипто секаков тип на услуги, производи па дури и да купите недвижен имот со крипто во 20 тина земји.
За жал Македонија многу заостанува и се вбројува меѓу 30тина држави во светот што немаат никакви регулации. Во нашиот регион лидер е Словенија со најмногу донесени законски акти вклучително и токенизација. Црна Гора може да купите имот со Биткоин, Хрватска ги има регулирано како инвестиција, додека Бугарија и Грција ги прифати законските акти донесени од регулаторното тело за крипто од ЕУ наречено MiCa. Што значи ние сме последни со Албанија, Косово и Босна без никакви регулативи, токму затоа јас веќе 4 години јавно повикувам за регулација на криптовалути и блокчејн технологија.

5.Кој е бенефитот од инвестирање во криптовалути за граѓаните и како тие ќе можат да се вклучат во тој процес?

Во Македонија има преку 30 илјади жители што тргуваат со криптовалути што претставува низок процент во споредба со повеќето држави во светот.
Сепак ова е нова технологија и нова класа на финансиски средства и затоа е неопходна едукација.
Јас се трудам да придонесам со тоа што го направив првиот едукативен и информативен веб-сајт tokenpaddock.com со организирање на едукативни курсеви и ја објавив книгата Фундаменти на Криптоиндустријата со цел да им овозможам на граѓаните да имаат пристап до Македонска литература за оваа технологија.
Инвестирање во дигиталните средства/криптовалути е генерациска можност за да се профитира, но сепак тука постои и голем ризик ако не сте сигурни што правите и каде ги инвестирате вашите пари/фиат валути.
Моја препорака е да се користат официјални крипто менувачници како Binance и Coinbase и да се почне со Биткоин, Етериум, Полкадот и др топ 30 криптовалути со исклучок на меме токени.

Новинар: Александрија С.Николовска

Поврзани вести