Skip to main content

Славески е професор и експерт кој никако не може да биде препознаен по партиска реторика, вели Сиљановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги отфрли како неиздржани критиките на опозицијата во однос на новиот гувернер Трајко Славески, напоменувајќи дека се работи за професор признат во светот, за човек кој не може да биде поврзан со ниту една афера, криминал или корупција и за експерт кој никако не може да биде проепознаен по партиска реторика и партиски речник.

Сиљановска Давкова рече дека пред да ја донесе одлуката за прв човек на Централната банка, водела долги разговори и со досегашната гувернерка и со другите кандидати. Укажа и дека нејзината единствена забелешка е во однос на законската одредба која предвидува седумгодишен мандат што, рече, е предолг период, особено кога се работи за два гувернерски мандата или вкупно 14 години.

Квалификацијата воопшто не ја прифаќам, не се во право во однос на професорот Трајко Славески од многу причини. Прво, самиот Закон за Народна банка не предвидува услов пет години претходно (а во некои држави и десет години) да не сте биле на партиска функција, туку вели „во текот на мандатот да немате партиска функција“. Второ, проблемот со партизацијата се појавува кога на вистински места доаѓаат погрешни луѓе врз основа на „споил“ системот. Неквалификувани, нестручни и некомптененти доаѓаат на високи функции. Тоа за професорот Славески не е во ред да се рече. Се работи за професор и тоа не професор од некои од интерсните факултети или универзитети, туку за професор со признание ширтум светот, со знаење, професор за кој не можете да врзете афера, криминали и корупција, професор кој не се препознава по партиски речник, а сме виделе и такви. Ме зачудува кога професори така се однесуват кон него – истакна претседателката, одговорајќи на новинарски прашања.

Изјава за медиуми на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по отворањето на статистичката конференција „25 години родови податоци“, во организација на Државниот завод за статистика.

Кога требала да се определи меѓу двајцата кандидати, извонредно едуцирани и признати луѓе, се водела, како што напомена, од Платон – дека на една возраст кога сте постигнале се во професијата, можете да постигнете и во една ваква институција.

Се работи за личност во чии зборови, ако ги анализирате, ретко ќе препознаете партиска реторика. И тоа ми беше исто така важно. Нам ни треба континуитет во знаење во оваа професија, ни треба докажана стручност и компетентност. Мојата единствена забелешка не е на него, туку на законската одредба – седумгодишен мандат е многу долг мандат. Венецијанската комисија вели – кај долгите мандати добро е да има само еден мандат, 14 години е многу долг мандат. Не велам дека кога се работи за стручно и компетентно тоа може да биде опасно, но сакам уште еднаш пред сите да кажам, долго разговарав со сите кандидати, побарав да разговараат и со други, побарав мислење од луѓе, да, некои критикуваат со право зашто има слобода во изразувањето, некои од нив се обидувам да ги разберам, но не ги разбирам хористите, една категорија партиски луѓе кои се на позицијата само зашто се во партија и друга категорија кои за себе мислат дека се ренесансни, се знаат, никој не чини, сите ги критикуваат. Тоа не го разбирам. Можеби да бев се уште на факултет, поинаку ќе зборував, но кога ќе влезе човек во политика, мора да биде одговорен, да мери, да носи одлуки што ќе бидат прифатливи – објасни Сиљановска Давкова.

Таа потсети и дека во однос на функциите преферира жени.

Имав долг рзговор со гувернерката, ја почитувам, но ги почитувам и другите двајца кандидати. Ќе речете па каде е вашиот кандидат, имав и свој кандидат и кандидатка, но мора некогаш да бидете реални, бидејќи кога е во прашање нивниот кредибилитет и интегритет, не е туку така да ги предложите и да не поминат на гласањето – рече шефицата на државата.

Во оваа прилика таа повторно кажа дека земјава имала и претходно гувернер лидер на партија, Петар Гошев, кој и извонредно ја извршувал функцијата.

Mногу посакувам, по извештаите да седнеме и навистина, не да носиме декларации и меморандуми, туку за клучните прашања со консензус да решаваме, да не одиме надвор пред да се договориме дома, јас се обидувам тој метод да го применувам и во однос на позицијата и во однос на власта – потенцира претседателката Сиљановска Давкова.

Поврзани вести