
Организацијата на работодавачи на Македонија се согласува на дијалог за секоја тема, но потсетува дека има Закон за минимална плата со чии критериуми се согласиле сите три страни од социјалниот дијалог. Но, минималната плата не треба да биде предизвик, предизвик треба да биде покачувањето на сите плати преку зоглемување на продуктивноста, оценија денеска заменик – министерот за економија и труд Марјан Ристески и претседателката на ОРМ Владанка Трајкоска.
Изнесувајќи го својот личен став, Ристески во одговор на новинарско прашање пред конференцијата на ОРМ, истакна дека формулата во Законот за минимална плата можеби била добра во времето кога се носело законското решение, но во иднина, додаде, „треба многу повеќе да се земат предвид економските параметри, економскиот раст и зголемувањето на продуктивноста во однос на зголемувањето на платите, посебно на минималната плата“.
Заменик-министерот го повтори и ставот дека Владата ќе прифати секакво решение до кое ќе дојдат работодавачите и работниците.
Според Трајкоска, секој дијалог е добредојден, но во Законот за минимална плата се точно дефинирани условите и критериумите за кои согласност имало од сите три страни во социјалниот дијалог. ОРМ, напомена Трајкоска, не само што го почитува Законот, туку и функционира институционално.
Законот за минимална плата е донесен врз основа на социјалниот дијалог. Максимално го почтиваме овој Закон. За други законски измени кои би следувале, сепак треба да има одреден социјален дијалог. Дотогаш Владата дава отворена карта – дијалог на синдикаите и работодавачите. Се што ќе договорат, ние ќе испочитуваме во интерес на двете страни, и работниците и работодавачите – потенцира Ристески пред почетокот на конференцијата што ја организираше ОРМ по повод јубилејот 20 години постоење.
Претседателката на ОРМ е децидна дека дискусија е секогаш прифатлива и добредојдена за која било тема.
Подолго време немаме Економско-социјален совет (ЕСС) зашто нема репрезентативен синдикат. Треба сите да бидеме свесни дека постои Закон за минимална плата кој ги дефинира условите, принципите и критериумите за минималмната плата. За тие критериуми се имаме согласено трите страни и за нив се зборувало многу гласно и пред донесување на Законот. Секој од нас има свој став. Ние имавме некои забелешки, но од другите две страни беше прифатено така како што е. Тоа се заборава денес, не се зборува, но ние го почитуваме Законот и функционираме институционално. Како ќе биде дефинирано понатаму оставаме да видиме. Секој дијалог е добредојден, но за никој од нас не треба да биде предизвик минималната плата зашто никој од нас не треба да се стреми да ја има таа минимална плата, треба да зборуавме за многу попродуктивни работници како тие во ЕУ, подвлече претседателката на ОРМ, одговорајќи на новинарско прашање дали има заседава ЕСС и се отвори темата за минимална плата ОРМ ќе се согласи за зголемување – нагласи Трајкоска.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) останува на ставот дека не само минималната, туку и воопшто платите во Македонија треба да се зголемат. Како што изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кој исто така присуствуваше на конференцијата на ОРМ, земјава е една од државите во регионот со најниска и просечна и минимална плата, а спротивната страна, Владата или работодавачите, нема слух за сериозен исчекор. Тој напомена дека продуктивноста треба да се таргетира само преку една работа – зголемување на платите.