Skip to main content

Ристески: Ситуацијата будно се следи со пазарот на јајца, засега нема потреба од грижа поради евентуален недостиг

Министерството за економија и труд заедно со министерството за земјоделство будно ги следи состојбите со пазарот на конзумни јајца и засега нема потреба од грижа за недостиг. Доколку се укаже потреба, во краен случај, може да се забрани извоз на јајца, изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, одговарајќи на прашањето дали има реална загриженост од недостиг од јајца како што е во повеќето земји, токму пред Велигденските празници.

Во постојана корелација сме со министерството за земјоделство. Во одлуката што ја донесе Владата за ограничување на маржите е напоменато дека мора 70 проценти од количествата конзумни јајца да бидат на сите пунктови во трговијата на мало и на големо, од целото количество од јануари, што значи дека засега нема потреба од одредена грижа дали ќе има или нема да има јајца. Доколку понатаму има потреба, во корелација со министерството за земјоделство, може и да воведиме некоја мерка. Меѓутоа, сега-засега, податоците што ги имаме на терен укажуваат дека нема потреба од такви мерки. Една од мерките која може да се спроведе е забраната на извоз на јајца доколку има потреба, во краен случај – изјави Ристески.

Дел од поголемите производители од живинарските фарми не сакаат да го предвидуваат пазарот на јајца во наредниот период, но велат дека сега нема никаков проблем и ситуацијата е стабилна.

Пеце Петрески, мал производител и одгледувач на живина категорички смета дека нема да се појави недостиг од јајца, а споменува дека потрошувачката е намалена пред Велигден во споредба со другите години и поради иселувањето од земјава.

-Јајца има доволно за на пазарот и нема никаков страв дека ќе се појави недостиг. Тоа се прави фама. Дури осетно е намалена побарувачката во споредба со другите години поради иселувањето. Не се купува толку многу за празниците како порано. Потрошувачката е намалена дури и до 50 проценти.

Трајан Цекоски кој продава конзумни јајца на прилепскиот пазар од една од најголемите живинарски фарми во земјава, го дели мислењето дека кај нас нема да се појави недостиг.

Има доволно јајца, без разлика колкава е побарувбачката. А тоа е што загрижува – намалената побарувачка во споредба со другите ггодини пред празниците. Јајца за Велигден ќе има доволно за сите потреби, вели трговецот Цекоски.

Во светот се појави голем недостиг од конзумни јајца поради птичјиот грип, а драстично се зголеми и цената на јајцето на пазарите. Според податоците во земјава дневно се произведуваат околу 800 000 конзумни јајца.

Поврзани вести