Skip to main content

Регионалната конференција во Охрид: Одржливиот транспорт претставува прашање на доверба и заедничка одговорност

Воспоставување повеќеслојна структура на управување што ќе овозможи координација во активностите на сите нивоа на власт и ефикасна меѓуресорска соработка помеѓу клучните сектори – транспорт, просторно планирање и животна средина, се предуслови за изградба на функционални и квалитетни системи на мобилност, што ќе бидат во полза на граѓаните – а не обратно. Одржливиот транспорт претставува прашање на доверба и заедничка одговорност. Тоа се некои од главните заклучоци од дводневната Регионална конференција за зелени урбани транспортни решенија и одржлива мобилност што изминатите два дена се одржуваше во Охрид.

На собирот во Охрид насловен  „Зелени урбани транспортни решенија“ повеќе од 130 претставници на национални и локални институции, парламентарци, универзитетски професори, граѓански организации и регионални експерти од шесте држави од Западен Балкан и од ЕУ дискутираа за клучните предизвици поврзани со еколошкото влијание на транспортот, интегрираното планирање, финансирањето на урбаниот транспорт, транзицијата кон автобуси со нулта емисија, платформите за чисти автобуси, како и потребата од усвојување и примена на национални и локални планови за одржлива урбана мобилност (SUMP и NUMP), заедно со предлогот за донесување Закон за интегриран транспорт.

Преку низа панел-дискусии, интерактивни работилници, теренски посети и тематски презентации, беа обработени теми како електромобилноста, автобуси со нула емисии, финансирањето на нискојаглеродни решенија, развојот на планови за транспорт без бариери, регионалната поврзаност и логистичките стратегии за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

Посебен акцент беше ставен на политичката волја како предуслов за спроведување на стратегиите, но и на потребата од вклучување на граѓаните и обезбедување финансиски механизми достапни и за помалите општини. 

Учесниците на сиборот ја потврдија потребата од координирана транзиција кон климатски одржлив и социјално инклузивен транспортен систем во регионот, при што беше нагласена клучната улога на институциите, академијата, граѓанските актери и меѓународните партнери во тој процес.

Од институционален и правен аспект, како што е посочено на собирот, од клучно значење е властите од регионот да започнат со изработка на Национални планови за одржлива урбана мобилност, да ја транспонираат Директивата за чисти возила и Регулативата за инфраструктура за алтернативни горива, понатаму да се воведе Закон за интегриран транспорт, како и да се направат измени во постојните закони за локална самоуправа со цел нивно усогласување со целите на одржливата мобилност.

На научниот собир што заеднички го организира  Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и CIVINET Slo-Cro-SEE, беа презентирани светските искуства и добрите практики во областа на одржливиот и еколошки чист транспорт, со цел да се достигнат светските стандарди и регионот да фати чекор со глобалните текови. 

Поврзани вести