Во време кога животот не можеме да го замислиме без интернет и социјални мрежи, некако се навикнавме да купуваме удобно од дома. Скролајќи по Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток постојано ни се појавуваат понуди кои се премногу добри да ги прескокнеме. Од облека, обувки преку кетеринг, до торти и колачи, односно се она што ни е потребно за секојдневниот живот и прослава на некои специјални моменти. Сето тоа се доставува до домот на секој од нас, но кој со нарачката добива фискална сметка?Да, со купувањето онлајн од некои познати трговски брендови, се доставува и сметка, но тоа не е случај и со останатите. Си нарачувате, ја добивате нарачката, а сметка нема. Се плаќа во готово, па трагата од трансакцијата никаде не постои. Со ваквите зделки, губат потрошувачите, кои не добиваат никаков доказ дека нешто купиле, па со тоа не постои можноста и да се пожалат доколку не се задоволни од производот или услугата, но губи и државата, бидејќи од таквите трговци не може да наплати данок. Како дел од сивата економија од пазарите да се префрли на социјалните мрежи, смета директорката на Управата за јавни проходи, Елена Петрова.
Таа во интервју за „Република“ летово најави фаќање во костец со нелегалната онлајн продажба, односно нагласи дека целата продажба преку интернет треба да биде вклучена во легалните текови на оданочување.
Од Управата за јавни приходи за „Република“ нагласуваат дека согласно Законот за данок на личен доход, физичките лица кои остваруваат доход преку продажба или услуги на интернет (вклучувајќи и продажба преку социјални мрежи) се обврзани да пријават и платат данок на доход. Секое лице кое продава производи преку социјални мрежи и остварува приход, треба да го пријави доходот на електронскиот систем за даноци. При тоа, користењето на платформи како што се Facebook, Instagram, или други мрежи не го ослободува од обврската за даночна пријава.
Стапката на Данокот на доход за сите видови доход изнесува 10% (освен за добивките од игри на среќа, каде што стапката е 15%). Лицата кои остваруваат доход преку интернет платформи, како што се социјални мрежи, се обврзани да поднесат електронска пресметка на аконтација на данок преку системот е-Даночни услуги до 10-ти во месецот за претходниот месец. Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како Вид на доход Т11. Друг доход и Подвид на доход Ѕ11.2 Друг доход.
По приемот и обработката на електронската пресметка “е-ППД”, органот за Јавни приходи преку електронскиот систем “е-Даночни услуги”, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данокот на доход со статус “Одобрена” и налог за плаќање на данокот на доход. Аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец. Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на образец ПП53, изјавија од УЈП.