
Почна садењето на тутунот од годинашнава реколта и во Пелагонискиот регион веќе се засадени околу 25 проценти од површините. Според Сојузот на земјоделските здруженија, големи се очекувањата за годинашново тутунопроизводство кое е зголемено за околу 15 проценти.
Годинава се склучени 33 000 договори со откупувачите за производство од 27 000 тони тутун на околу 14 000 хектари. Тутунопроизводството останува исплатлива земјоделска гранка, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.
Младиот тутунопроизводител Гоце Кебакоски од прилепското Кадино Село, годинава за петпати го зголемил производството на тутун и смета дека е најисплатлива земјоделска култура.
Лани имав засадено 3 декари, а годинава се 15 декари со тутун. Сметам дека во моментов со цената и со субвенциите е најисплатлива земјоделска гранка. Од 15 декари очекувам производство од три тона и сметам дека релативно младите земјоделци главно се решаваат за тутунопроизводство, посочува Кебакоски.
Во светот, по Турција, Македонија е втор производител на ароматичен тутун. Има недостиг и тука е можноста да се постигне добра цена, велат од Сојузот на земјоделските здруженија.
Моментално во светот се испорачуваат 100 илјади тони ароматичен тутун, а потребите се околу 130 000 тони. Има недостиг и се бара тутунот произведен во земјава. Сметам дека производството е исплатливо и конкурентно, вели Ристески од Сојузот на земјоделски здруженија.
Најавени се измени во Законот за тутун во полза и на производителите и на откупувачите. Подготвена е предлог законската верзија со измените. Се очекува владината поддршка.