
По три години, повторно е во функција железничката линија Скопје – Куманово – Скопје, информираа денеска надлежните од ЖРСМ Транспорт АД – Скопје. Од претпријатието очекуваат зголемување на бројот на патници во наредниот период, откако целосно ќе биде продолжена релацијата и ќе поминува низ повеќе населени места. Сега, просечно на линијата има по 30-тина патници.
За периодот додека оваа линија беше укината, голем број на патници кои го користеа возот како превозно средство се префрлија на други алтернативни начини на превоз. Согласно на тоа, сметаме дека е потребно време за патниците повторно да се вратат на возот како превозно средство. Но, и покрај таа околност за овие денови на оваа линија имаме просечно 30 патници од воз, со наше предвидување дека бројот ќе се зголемува и дека патниците повторно ќе ги користат нашите услуги. Се надеваме дека до средина на 2025 година кога е предвидено да продолжи релацијата до Бељковце ќе имаме над 100 патници од воз, изјави директор за патнички сообраќај на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје, Горанчо Јовановски.
Возот сообраќа двапати дневно во утринските и попладневните часови. Цената на билетот изнесува 87 денари, што е двојно поевтино од автобуски билет до Скопје, драстично поевтино од средства кои треба да се одвојат за патување со автомобил. Услугите главно ги користат возрасни патници кои во изјавата за медиумите велат дека е одлично што повторно е пуштеа линијата и се сеќаваат на метежот во возовите во поранешна Југославија. Студентите прв пат користат ваков вид на превоз и истакнуваат дека е многу поевтино, почисто и пријатно за патување. Проблем е што Железничката станица е поодалечена од Куманово. Надлежните од Транспорт најавија дека ќе одржат средби со граѓаните од месните заедници кои гравитираат околу пругата Куманово-Бељаковце, за да им излезат во пресрет со термини.
Деновиве планираме да одржиме средби со граѓаните од месните заедници кои гравитираат на пругата Куманово – Бељаковце, за кои би добиле податоци колкава е заинтересираноста за оваа делница и на тие средби би ги дознале приближите термини кои би им одговарале за сите категории на патници. За Македонски Железници Транспорт приоритет е да се вратат сите укинати линии со што би излегле во пресрет на граѓаните за поевтин и поудобен превоз до саканата дестинација, додава Јовановски.
Патувањето со воз е една од мерките за намалување на аерозагадувањето со кое се соочува државата.
Секаде во светот приоритет во превозот е железничкиот сообраќај. Поради драстично загадениот воздух во Македонија и ние настојуваме железницата да ја вратиме како главно превозно средство за патници и стока. Проектот градски воз во Скопје е исто така чекор кон заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето, вели Јовановски.
Од претпријатието најавуваат зголемување на возови на линиите до Велес, Куманово и Тетово, работар на враќање на укинатите линии за Кичево, Штип и Кочани.