Skip to main content

Новинарите сè уште работат прекувремено без надомест и со неплатени празнични дневници

По повод Денот на трудот, 1 Мај, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) испрати јасно предупредување дека состојбата со работничките права на новинарите и медиумските работници во Македонија останува алармантна.

Новинарите и медиумските работници во Македонија работат во услови на прекаријат каде што само една третина од вработените во медиумите – околу 700 од вкупно 2.100 – се покриени со колективен договор“, соопштува ССНМ.

ССНМ истакнува дека позитивните и подобрени работнички права преку колективните договори ги уживаат само вработените во јавниот сектор, т.н. „државни“ медиуми.

„Новинарите и медиумските работници во приватниот сектор сè уште се соочуваат со низа прекршувања на работничките права и со значително помала заштита“, велат од ССНМ.

Синдикатот укажува дека речиси 70% од медиумските работници и 50% од новинарите земаат плати под просечната, што ја компромитира можноста за професионално и објективно новинарство.

„Тешко е остварливо начелото на професионално и објективно известување бидејќи само социо-економски обезбедни новинари може да бидат чувари на јавниот интерес“, нагласуваат од ССНМ.

Дополнително, ССНМ алармира дека новинарите сè уште работат во: услови на несигурни работни места, краткорочни договори или само хонорарни ангажмани, без почитување на правата за годишен одмор, прекувремена работа без надомест и неплатени празнични дневници.

„Овие состојби се болни точки за медиумите кои, по дефиниција, извршуваат работа од јавен интерес и се клучни за развојот на едно демократско општество“, истакнува ССНМ.

По повод 1 Мај, ССНМ ја повторува пораката дека борбата за достоинствени работни услови и правично вреднување на трудот е неразделно поврзана со медиумските слободи.

„Борбата за подобрување на условите за работа, зголемување на ниските плати, навремена исплата на платите – и во јавниот и во приватниот сектор – е основа и оди рака под рака со борбата за слобода на изразување и слободно информирање на граѓаните“, порачуваат од ССНМ.

Заклучно, од ССНМ потсетуваат дека оваа борба е постојана и дека нејзиниот успех зависи од здружувањето и заедништвото на медиумските работници при инсистирањето за подобрување, како на социо-економските услови, така и на условите за професионално известување.

Поврзани вести