
Македонија има стратешка позиција на Балканот, тука се пресекуваат двата транспортни коридора 8 и 10, што ја прават централна транзитна држава на европскиот транспорт. Владата го реализира најобемниот инвестициски циклус од неколку милијарди евра за изградба и модернизација на патната и железничката мрежа во државата. Во вакви услови инженерската експертиза има силно влијание во реализација на проектите – истака денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на научната конференција Eurock 2026, што ја организираа Друштвото за геотехника на Македонија и Градежниот факултет.
Како што оцени Николоски, престиж е што Македонија е домаќин на еден од најголемите собири во делот на градежништвото, каде што неколку стотини професори од целиот свет диксутираат за инженерски предизвици.
Скопје и Македонија имаат чест да се домаќини оваа година и тоа не е случајно, тоа е поради победата што во 2023 година Градежниот факултет ја имаше на собирот во Салцбург, каде што го освои првото место во делот на иновативност и затоа оваа година овој собир се одржува во Скопје. Навистина е прекрасно да се видат некаде 600 професори од целиот свет, од сите делови на светот, како дискутираат за најголемите инженерски предизвици што се во делот на градежништвото, нешто што секако ќе помогне многу и на нашиот факултет и на нашите професори и научници, кои секако ќе ни помогнат и на нам да реализираме уште повеќе проекти – напомена Николоски.

Македонски


