Skip to main content

Министерството за финансии денеска или најдоцна утре ќе пушти писма до банките за финансирање на брзата пруга од Коридорот 10

Министерството за финансии денеска или најдоцна до крајот на утрешниот ден ќе пушти писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање на проектот за брзата пруга од Коридорот 10. Како што изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, крајниот рок до кога банките би ги поднесувале понудите се уште не е дефиниран.

На новинарска констатација дека се уште нема проект за брзата пруга врз основа на кој би се барале пари, Димитриоска Кочоска напомена дека таа можеби има „некакви информации“. Притоа, ги упати медиумите детали за тоа дали има проект или не, да прашаат во Министерството за транспорт.

Во каква форма и што значи да се има проект е нешто што мислам дека треба да го прашате Министерството за транспорт. Вие велите немаме проект, но јас имам некакви информации. Ве молам прашајте во Министерството за транспорт, јас не сум министерот што го прави проектот. На Влада сум добила информации, ме задолжиле, сме ги кажале своите видувања по однос на Информацијата што сме ја добиле и не задолжиле да си продолжиме постапка во прибирање податоци. Имаше премногу шпекулации периодов и мислам дека треба од Министерството точно да ви одговорат да или не – какви податоци има, зашто штом Информација дошла на Влада, значи внатре ставиле податоци, подвлече Димитриоска Кочоска.

Во врска со крајниот рок за понудите, потенцира, треба прво да се види колку банки се.

Треба да видиме колку банки се, за да видиме колку време ќе ни треба и нам и ним, мислам дека до 30 јуни ќе треба да се достават понудите, но почекајте да го пуштиме писмото и ќе информираме кога ќе биде крајниот рок за понудите. Владата не задолжи во рок од пет дена да доставиме понуди, а ние го внесуваме рокот врз основа на документите. Можеби ќе треба и нешто да се продолжи ако банките бараат дополнителни податоци. Во писмото се наведуваат контакт лица од Министерствопто за финансии (МФ), но и од одговорните институции зашто МФ не е тоа што одговара за детали од проектот што треба да се финансира. Станува збор за 1,91 милијарда евра кои ќе бидат побарани како понуда од една поголема листа на банки, вклучувајќи ги и оние со кои имаме постојана соработка како Светска банка, ЕБРД и ЕБОР. Ќе бидете информирани навреме како што ќе стигнуваат понудите – што ќе има внатре. Задолжени сме во рок од пет работни дена да ги доставиме писмата. Штом бидат доставени ќе добиете информации буклвално за секоја понуда. Да нема дилема, ќе бидеме максимално транспарентни какво што било секогаш Министерството за финансии, објасни министерката.

Поврзани вести