Skip to main content

Јакнењето на македонската берза на електрична енергија е клучно за домашниот енергетски сектор

Институциите и компаниите при јавната набавка на електрична енергија да применуваат стандардни тендерски правила преку кои договорите за снабдување би се индексирале согласно податоците на македонската берза – Индекс на МЕМО-Пазар ден однапред (ПДО), порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како што истакна Божиновска, македонската берза на електрична енергија треба да биде репер за цените по кои ќе се набавува струјата, а нејзиното јакнење е од клучно значаење за домашниот енергетски сектор.

На домашната берза изминатите две години се регистрирани 37 учесници, истргувани се повеќе од 1,3 терават часови електрична енергија, а обезбедена е и релевантна цена за секој час од денот. Околу 20 отсто од конзумот на електрична енергија во земјава се тргува на берзата на МЕМО и според анализите, околу 63 проценти од продадената електрична енергија е произведена дома.

Придобивките од индексирање на цената согласно домашната берза се бројни, пред се со оглед на тоа што веќе имаме конкурентна македонска берза каде цената по постигнат мегават час е соодветна на реалната понуда и побарувачка на електрична енергија во земјава. Затоа е важно компаниите и институциите кои набавуваат електрична енергија за сопствени потреби да ги користат можностите на домашната берза за електрична енергија – истакна министерката пред презентацијата на придобивките од работата на домашната берза на електрична енергија.

Управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО) Зоран Ѓорѓиевски укажа на важноста од примената на информациите за цената на струјата по постапката за јавна набавка од македонската берза. Домашната берза на електрична енергија, рече, е референтна за нашата држава и индексирањето на цените за набавка според ценовниот сигнал на МЕМО ќе овозможи транспарентнoст, флексибилност, намалување на ризикот, но и конкурентност на пазарот.

Нашата берза речиси две години обезбедува сигурност и релевантни цени за секој час од денот. Ценовниот сигнал од пазарот „ден однапред“ што го управува МЕМО е клучен индикатор за ефикасно функционирање на електроенергетскиот сектор. Овој сигнал не само што ги одразува реалните услови на понудата и побарувачката за струја, туку игра и суштинска улога во донесувањето одлуки од страна на сите учесници на пазарот, вклучувајќи ги и компаниите-потрошувачи на електрична енергија – подвлече Ѓорѓиевски.

Тој потврди дека ЕСМ учествува на берзата со продажба на струја.

Како и за сите производители на електрична енергија, берзата служи за оптимизација на нивното производство. Така што, ЕСМ е регистриран на пазарот на електрична енергија и согласно тоа има можност и учествува на берзата на електрична енергија – истакна Ѓорѓиевски.

Директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева Мицовска укажа на неопходноста од подготвување добри тендерски документации со цел понудувачите навремено и квалитетно да ги изготват своите понуди, како и на потребата од намалување на анекс договорите. Се осврна и на ненавременото почнување на постапките.

Со унифицираната тендерска документација ќе се намалат грешките и неусогласеностите во спроведувањето на постапките за јавни набавки на електрична енергија, односно ќе се зголеми нивната ефикасност што значи и поголема заштеда на јавните средства. Тоа, пак, е во насока на обезбедување континуитет при користењето на електричната енергија – оцени Богева Мицовска.

Во врска со законските измени што треба да почнат со примена на 1 април, таа не се согласува дека се оди чекор наназад во однос на следењето на јавните набавки и транспарентноста на склучените договори и трошењето на народните пари како што реагираа невладини организации.

Бирото за јавни набавки останува транспарентно и отворено за какви било податоци и консултации со јавноста. Апсолутно не се согласувам дека одиме чекор наназад. Напротив, праксата од досегашната примена на тоа што функционираше системски, покажа значителни слабости. Треба да дадеме простор и време на новото законско решение, да видиме кои придобивки и бенефити ќе ги даде – рече директорката.

На презентацијата на придобивките од работата на домашната берза на електрична енергија, што ја организираа Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕМО и Бирото за јавни набавки, учествуваа претставници на релевантните чинители од енергетскиот сектор, државни институции и приватни компании, претставници на стопанските комори и општините.

Досегашната пракса, кога немаше домашна берза на електрична енергија, беше според индексирање на странските берзи.

Поврзани вести