Skip to main content

Државниот буџет оштетен за скоро два милиона евра, покажала ревизијата во Министерството за економија

Бројни неправилности, нетранспарентност и низа прекршувања на внатрешните прописи, управните и законските процедури констатирала ревизијата во Министерството за економија што ја иницираше актуелниот министер за економија и труд Бесар Дурмиши. Постојат сознанија, соопшти денеска Дурмиши, дека државниот буџет е оштетен за 127 721 000 денари или за приближно два милиона евра како резултат на непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството во периодот од 2019 до 2023 година, бројот на застарени предмети е 1 534 и за нив не може да се води натамошна постапка.

Комисијата за прекршоци и изрекување санкции при Министерството за економија е формирана на 04.10.2022 година, дури 4 години и 4 месеци по приемот на предметите од Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија. Во извештаите до министерот, членовите на Комисијата даваат информации дека нема услови Комисијата да се формира, да функционира и да работи зашто нема доволен број членови (потребни се 5 или 7 члена) додека работеле само три члена. Се поставува прашањето, на што работеле службите во Министерството за економија 4 години и 4 месеци и како што може да се види, како резултат на нефункционалноста на оваа Комисија, дошло до застарување на над 1 500 предмети Jавно ги поканувам надлежните органи да го преиспитаат извештајот од ревизијата. Сите што постапиле спротивно на закон, ќе сносат одговорност – порача Дурмиши.

Утре или в понеделник Министерството за економија ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојк

Осврнувајќи се на неколку случаи, министерот рече дека во 2021 година бил набавен софтвер за управување со апликации од физички и правни лица во вредност од 2,49 милиони денари кој не е во функција, ниту има објаснување или извештај зошто не е пуштен во употреба. Во 2022 година, пак, е склучен договор за јавна набавка за градежни работи поврзани со изградба на инфраструктурна линија и огради на парцелите на локацијата Манастирец во Македонкси Брод и на локацијата Амзабегови Свети Николе во вредност од 25 милиони денари (400 илјади евра) каде се констатирани неколку пропусти.

Бараме надлежните органи да преземат мерки за расветлување на ситуацијата. Според Извештајот, во овој период се сторени бројни прекршоци и непочитувања на управните процедури и внатрешните прописи. Во однос на првиот случај има индиции за прекршување на процедурата, бидејќи целиот процес е завршен во рок од 15 дена, а се работи за софтвер што бара време и професионалност. Ревизијата констатира дека тоа претставува ризик и има прекршоци зашто целата постапка е завршена за две недели. Во однос на случајот од 2022 година, иако бил склучен договор со избраната фирма-изведувач, работите воопшто не биле завршени, а тоа е изградбата на фотоволтаичен центар. Поради ваквото неспроведување и ваквата негрижа на поранешните раководители на министерството, средствата предвидени од Министерството за економија не се реализирани. Државата го загубила инвеститорот од кој би се остварил приход и би се отвориле нови работни места – истакна Дурмиши на брифинг со новинарите.

Тој напомена дека има неправилности и во ангажирањето на лицата со договор на дело, како во однос на присуство на работа, така и во однос на недостиг на докази, должности и обврски на работата и нивна соодветна професионална подготовка.

Ревизијата констатирала и прекршоци во користењето на службените возила, како непополнување соодветна законска документација, вклучително и снабдување со гориво на овие возила.