Skip to main content

До петок ќе бидат исплатени средствата за посебни додатоци, туѓа нега, згрижување, кај најголем број корисници

Исплатата на средства за туѓа нега, надоместокот заради попреченост, надоместокот за сместување во згрижувачко семејство ќе биде направена до крај на неделава, изјави за „Република“, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Според него не се работи за доцнење, бидејќи во исплатата на овие средства се дава законска рамка од 5 до 10 во месецот.

Како и да е, исплатата ќе биде реализирана до крајот на неделава, освен кај корисниците од пет спорни центри за социјална работа. Се работи на надминување на проблемот со нив, по што ќе следи исплата и кај тие корисници. Исплатата на овие додатоци не може да се третира ригидно, односно да се мисли дека треба да бидат исплатени на пример на 5 во месецот. Нивната исплата следи по заклучувањето на трансферите, а се доцни од пракса- вели Велковски.

Што се однесува до исплатата на средствата за покривање на делот на плата, на лицата со скратено работно време, кај нив нема да има никакво доцнење, уверува заменик министерот за социјална политика, демографија и млади.

Кај лицата со скратено работно време, кај кои државата учествува во покривање на остатокот од платата, нема да има никакво доцнење. Таа исплата си оди тековно и редовно, исто како што редовно си се исплаќаат и пензиите- нагласува Велковски.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека исплатата на некои корисници ќе се изврши дополнително затоа што се вршат работи кои се од техничка природа, односно се прави миграција на податоците од стар во нов систем. Повикуваат на разбирање.

Се работи за краток временски период, односно исплатата на надоместокот ќе биде реализирана во најкус можен рок, велат од министерството.

Банкарите се жалат дека секој ден на шалтерите кај нив доаѓаат корисници на вакви надоместоци, барајќи од нив исплата на средства, за кои тие се уште немаат добиено налог за исплата. Се надеваат дека ситуацијата ќе биде решена наскоро, со оглед на тоа дека тие директно се соочуваат со незадоволството од лицата на кои надоместоците им значат помош за покривање на животни потреби, а не за луксуз.

Автор: Александрија С.Николовска

Поврзани вести