Skip to main content

До 10 мај ќе се потпише договорот за изградба на македонскиот дел од интерконекторот со Грција

МИА архива

Во следните десет дена ќе се потпише договор со македонска компанија за изградба на интерконекторот со Грција на македонскиот дел до граница, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која заедно со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски во разговор со дописничката на МИА од Атина говорат за билатералните енергетски проекти со Грција.

Шпанско – португалскиот искуство со прекините на електричната енергија треба да се истражи, да се преземат мерки и чекори за да се избегне такво сценарио и кај нас, велат во разговор со допис

Божиновска и Бислимоски од вчера учествуваат на деветтиот Балкански енергетски форум што се одржува во Атина, а на кој министерката говореше за регионалната енергетска безбедност, истакнувајќи ја потребата Балканот да изгради заедничка енергетска иднина, додека пак претседателот на РКЕ го презентираше планот на земјава за остварување енергетска транзиција од јаглен кон хидроген и природен гас, но говореше и за долгорочната енергетска политика и што земјата им нуди на потенцијалните нови инвеститори.

На панел дискусијата, министерката се осврна и на интерконекторот со Грција, а во разговор со МИА открива дека до 10 мај во Скопје ќе биде потпишан договорот за изградба на македонскиот дел до граница, потсетувајќи дека имаше еден тендер што беше неуспешен.

Ние направивме сè за да биде успешен новиот тендер, добивме 12 милиони евра поевтина цена од првичната. Се чекаше на Европската инвестациона банка. Тоа требаше да биде во јануари меѓутоа заради некои административни процедури, до 10 мај ќе се потпише со прворангираната македонска фирма што беше избрана. Тоа е последен проект на ЕБРД што дава пари за гас. Тоа е нивна последна инвестиција во гас, објасни Божиновска.

Во Грција, пред два и пол месеци компанијата „Терна“ ги започна прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе двете земји.

Ние имаме 22 месеца, се надевам дека сè ќе биде брзо и ефективно, а тоа ќе биде уште една алтернатива, бидејќи сега сме поврзани само со Бугарија. Разговараме и со Србија таму имаме само 26 километри да изградиме од наша страна. Така да разговаравме тука и со заменик-министерката на Република Србија околу финансирањето, а ние ќе можеме да бидеме транзитна држава за централноисточна Европа, истакна министерката.

Во однос на другите проекти со Грција, се осврна и на спојувањето на пазарите со електрична енергија (маркет каплинг).

Тоа е единствен услов за ЦБАМ регулативата (Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод) за да се изземеме од плаќање кога се работи за електрична енергија. Но, најважно е законот да помине и тогаш нашиот МЕМО ќе стане номиниран маркет оператор и од тогаш би требало уште некои 18 месеци за да може да има спојување со пазарите. Работиме на тоа. Тука ќе се вклучат и финансиски институции. Мислам дека тука добро работиме, имаме добра регионална соработка и дека тоа ќе се случи во некој разумен рок, посочи Божиновска.

Енергетска соработка со Грција постои и на ниво на Регулаторните комисии, а долгогодишната соработка беше официјализирана во февруари кога двајцата претседатели потпишаа Меморандум за соработка.

Претседателот на РКЕ за МИА објаснува дека македонското искуство со водните услуги ќе биде пренесено на грчкиот регулатор.

Грчкиот регулатор од пред една година стана одговорен за определување на тарифи за водните услуги и за комунален отпад и најголемиот дел од соработката ќе се однесува токму на овие комунални дејности. Сега е интересно што тие сакаат нашето искуство да го искористат, бидејќи ние веќе ги имплементираме и ги носиме одлуките за водни тарифи, а за едно ќе работиме на соодветни методологии во однос на комуналниот отпад и се разбира тука ќе продолжи соработката што ја имаме со грчкиот регулатор со албанскиот и со косовскиот во однос на маркет каплингот, односно спојувањето на пазарите на електрична енергија, објасни Бислимоски.

Со Закон за енергетика земјава ги воведува сите европски регулативи

Во разговор за МИА, министерката Божиновска и претседателот Бислимоски се осврнуваат и на новиот Закон за енергетика што е во собраниска процедура, а и двајцата ја истакнуваат важноста, посочувајќи дека се воведуваат сите европски регулативи.

Министерката вели дека е еден од најважните закони „бидејќи според нашите обврски кон енергетската заедница требаше да биде донесен уште во 2023 година“.

Многу е важен бидејќи сите европски регулативи се воведуваат, се имплементираат кај нас. Таму првпат се регулираат батериите, односно складирањето на електрична енергија, се формираат граѓански заедници. Тука првпат почнува да се прави методологија за мерење енергетска сиромаштија. Со овој закон МЕПСО ќе помине под Министерството за енергетика што е нормално и очекувано. Исто така има и за нафта, за гас. Има многу работи, станува збор за многу обемен закон со 317 членови, објасни Божиновска.

Бислимовски потенцира дека со овој закон стануваме еднакви со сите земји членки на ЕУ.  – Тоа што е последно европско законодавство во однос на енергетиката се имплементира и кај нас. Она што е важно, во однос на водењето на системите е дека се обрнува големо внимание на батериските системи, особено се обрнува големо внимание на регионалната соработка каде што дел од нашите ингеренциите ги предаваме и на Регулаторниот одбор на енергетската заедница и на Европската агенција за соработка на регулаторите за енергетика каде што сме дел. Сè на сè во овој дел стануваме како да сме земја членка на Европската Унија, бидејќи имаме соседни земји членки на ЕУ и пазарите мора да бидат поврзани во исти правила, истакна Бислимоски.

Паралелно и двајцата посочуваат дека најголем предизвик во следниот период ќе биде изработката и усвојувањето на подзаконските акти и регулативи.

Министерката посочува дека првпат овој закон е изработен со наш капацитет, без странски консултанти, го работеше Министерството за енергетиката. Веќе е во процедура и се очекува дека ќе биде донесен најдоцна за еден месец.

Поврзани вести