Skip to main content

Цреши за 1359 денари, цитрони за 130 денари, бананите над 100 денари за килограм: Цените во маркетите подивеа

Цреши за 1359 денари килограм, јаболки околу 100 денари за килограм, банани над 100 денари, цитрони за 130 денари килограм. Ова се дел од цените кои можат да се забележат кај овошјето во маркетите, но тие не се ништо помалку вознемирувачки ниту кај другите производи. Имено цените во маркетите буквално полудеа, откако на крајот на април заврши мерката за замрзнати маржи на најупотребуваните производи. Купувачите секојдневно се шокираат од новите цени на рафтовите.

Влажни марамчиња, тоалетна хартија, паста за заби, се дел од цените на хигиенските производи кои што до минатата недела имаа колку толку нормални цени, а веќе од први мај се со нови доста повисоки цени. На хигиенските средства со шокирачки цени се надоврзуваат цените на производите за исхрана, како маслото за јадење, јајцата, млекото, сирењето, газираните и негазирани сокови. Ништо помалку вознемирувачки не се цените ниту на пример на чоколадото, кое некаде се продава за 120 денари, со тежина од 80 грама, а кафето од 180 грама, кое до минатата недела чинеше 119 денари, сега во некои маркети се продава за 160 денари.

„Република“ минатата недела пишуваше дека има најави од дистрибутерите за фактурирање на некои производи за 50 отсто повиски цени, што сега во пракса може да го почувствува и паричникот на потрошувачите.Она што најмногу загрижува се некои неофицијални информации од дистрибутерите и увозниците на прехрамбени производи, дека најтешкото допрва доаѓа во втората половина на овој месец, за кога се очекува да не заплисне уште поголем бран на поскапувања.

Трговците тврдат дека маркетите не се виновни за новите цени и прстот го вперуваат во производителите и дистрибутерите.

Наглото поскапување на цените е од увозниците и производителите. Ние само додаваме маржа која што не е толку висока и која нема голем удел во поскапувањето на производите. Пред почетокот на месецов добивме нови ценовници, поради што бевме принудени и ние да ги кренеме цените, се правдаат трговците.

Пред завршување на владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите на над илјада производи, надлежните од Владата и Министерството за економија рекоа дека ќе следат засилени инспекции и ќе спречат нагло поскапување на прозводите, сметајќи дека цените нема да пораснат којзнае колку. Реалноста ги деманитираше овие очекувања, па сега останува да се види што е следно и дали власта ќе прискокне на помош на потрошувачите преку соодветни нови мерки.

Поврзани вести