Skip to main content

Царина: Заеднички делуваме со цел сузбивање на криминалот поврзан со аерозагадувањето, за неполни пет месеци анализирани 110 мостри горива

„Детектираме слабости, при што можеме да порачаме дека Царинската управа во изминатиот период гледа и делува како во рамките на царинската постапка, така и надвор од неа, сè со цел максимално сузбивање на криминалните дејства. Притоа за ниту еден што се обидува да го избегне законот нема простување. Она што порано значело ситен прекршок или враќање на цистерна со мазут каде се откриени неправилности во делот на квалитетот, сега може да му порачаме дека доколку биде откриен ќе одиме подлабоко со истрагата при што ќе ги вклучиме и останатите институции. Целта е ваквите криминални дејствија да бидат најстрого санкционирани. Веќе иницијално разговаравме и со Регулаторна Комисија за Енергетика, како надлежна институција за издавање лиценци, секогаш кога ќе откриеме и ќе утврдиме неправилности во делот на квалитет, но и во делот на погрешно тарифирање, да ги информираме. За истото ќе склучиме и Меморандум за соработка. Системскиот пристап што го применуваме е многу важен бидејќи само така создаваме одржливо и безбедно општество“. Ова го истакна директорот Бобан Николовски на надзорната расправа пред Комисија за здравство на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“.

Николовски потенцира дека годинава во царинската лабораторија во постапка за увоз, анализирани се 110 мостри од различни видови течни горива и сродни производи. Ова претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на анализираните мостри во споредба со целата 2023 година, кога биле анализирани 48 мостри. Притоа само во еден случај е променета тарифната ознака, при што производот нема влијание врз загадувањето. Во 2024 анализирана е 91 мостра.

Директорот истакна дека во завршна фаза е изготвување на Нов Царински закон усогласен со Царинскиот закон на ЕУ и заснован на новонастанатите општествено – економски односи. Суштината е подобрување на условите за водење бизнис и побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, преку создавање на целосно дигитално царинско работење во секој сегмент, целосна усогласеност со системите што се користат во ЕУ на чија имплементација веќе работиме, како и поголема сигурност на стоките што влегуваат и излегуваат од државата. Воедно, како што рече, со донесувањето на Законот за климатска акција, на Царинската управа ќе и се даде многу важна улога во ефикасно спроведување на механизмот за наплата на јаглеродна давачка.  Даночењето на јаглеродот треба да има значајна улога во стратегијата за декарбонизација.

Сериозно сме посветени на исполнување на нашите обврски кои се подвлечени со Парискиот Договор, при што говориме за вистинска трансформација на нашата економија во наредниот период. Ова е тоа што го прави Европа, и ова е тоа што ние го правиме, истакна директорот.        

Поврзани вести