Skip to main content

Божиновска: Го штитиме македонскиот рубин – време е да ја промовираме магијата на нашето минерално богатство

Министерство за енергетика

Македонскиот рубин, неповторлив поради неговото потекло и својства, бара официјална заштита и признавање како национално богатство, подвлече министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, при посетата на галеријата „Откритие“ во Скопје. Оваа галерија, предводена од невладина организација, е посветена на чување, документирање и промовирање на обемното минерално наследство на Република Македонија.

За време на посетата, Божиновска, според известувањето од нејзиниот Кабинет, изјавила дека е време не само ентузијасти, поединци и невладини организации да го претставуваат овој уникатен камен, туку и државните институции активно да учествуваат.

Министерството, како што е наведено во соопштението, веќе работи на координирање на сите релевантни институции – заедно со Геолошкиот завод на Македонија – со цел македонскиот рубин да добие официјален статус на заштитено национално минерално наследство.

Посетата беше збогатена со присуството на амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, како и на Грегоар Егороф, претставник на Националниот музеј за природни науки во Париз.

Егороф на галеријата и донесе ретки примероци на камења и минерали од Франција – меѓу кои и каменот со кој се изградени катедралата Нотр Дам и Елисејската палата – а како автор на книга за минералите на Европа, најави дека размислува во следното издание да го вклучи и македонскиот рубин, се вели во соопштението.

На настанот беше присутен и директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов, кој даде експертска помош за иницијативата и ја акцентираше научната вредност на рубинот.

Посебен впечаток остави долгодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој детално ја раскажа историјата на секој примерок и ја претстави изработката на уметнички клуч во кој се вградени македонски рубин, амазонит и сите други минерали од нашето тло.”

На прашањето на амбасадорот Ле Риголер што симболично „отвора“ овој клуч, одговорот беше:

Срцето на македонскиот народ, а ако сакаме – и тајните на нашата преубава земја”, се наведува во соопштението.

Македонскиот рубин, исто така познат како корунд со карактеристична црвена боја, е геолошки уникатен: се среќава само во околината на Прилеп и во планините околу Мариово и е единствен рубин во Европа кој природно се ископува и обработува. Покрај естетската и колекционерска вредност, тој е дел од културното и историското наследство на нашата земја.

Министерката Божиновска изјави дека ова е само почеток на поширок процес на заштита, ценење и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост.

Поврзани вести