
Ако сте виделе некој украс за елка или за по дома, некоја шноличка, некој алат, фустан, панталони или јакна, од Тему или Алиекспрес, сега е моментот да си ги нарачате, бидејќи, веќе од другата недела ќе бидат поскапи.Имено за неколку дена, поточно со објавувањето на измените на Законот за данок на додадена вредност,со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн праткита со вредност до 22 евра,.во Службен весник, ќе поскапат пратките од онлајн платформите од надвор. За разлика од досега кога не се плаќа 18 отсто Данок на додадена вредност, за помалите нарачки чија вредност е до 22 евра, отсега ќе треба да се плаќа ДДВ и за таквите пратки. Тоа значи нови повисоки цени за дрангулиите кои досега беа евтини и како такви, привлечни за масовна нарачка.
Собранието ги изгласа законските измени и тие ќе стапат во сила веќе за некој ден. Целта на оваа мерка, според Министерството за финансии, е да се зајакне домашната економија, со оглед на тоа дека се очекува прилив од околу 65 илјади евра секој месец по овој основ, пари кои се планира да се пренасочат во стопанството.
Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници, уверуваат од Финансии.
Според нив плаќањето на ДДВ-то кон државата ќе биде обврска на шпедитерите со кои соработуваат онлајн платформите.
Така не мислат експертите кои упатуваат на правилото дека ДДВ секогаш го плаќа последниот синџир во алката на трговија, а тоа значи купувачот..
Според укажувањата, пратките кои се прават овие денови, додека не стапат на сила новите правила за оданочување, ќе бидат по страна цена, бидејќи продавачот нема основа за зголемување, но веќе со стапување на сила на законските измени пратките ќе поскапат за 18 проценти.
На пример, ако сега си нарачате нешто, ќе го платите по стара цена, иако пратката ќе ви стигне кога производот ќе биде поскапен. Разликата од сегашната цена и ДДВ-то кое ќе биде вградено подоцна, ќе биде покриена од страна на продавачот, но тоа е краткорочно и за овој транзициски период. Веќе подоцнежните пратки ќе бидат со вграден ДДВ, бидејќи ниту еден трговец не работи на своја штета. Во овој случај тоа значи дека трговецот ќе го вкалулира повисокиот трошок во крајната цена која ја плаќа купувачот. Ова е основно правило во пазарната економија и невозможно е тоа да се заобиколи.
Данок нема да се плаќа за пакет испратен како подарок, но под услов да не чини повеќе од 22 евра и да не е алкохол, парфем или цигари.
Се очекува воведувањето ДДВ и царински давачки на мали пратки да предизвика одредени проблеми, барем во почетниот период, поради недоволната информираност на луѓето, доцнење при испорака, намалувањето на онлајн купувањето. На подолг период се очекуваат позитивни ефекти, барем во делот на ограничувањето на нелојалната конкуренција, со оглед на тоа дека многу продавачи нарачуваа од Тему, не плаќаа ДДВ, а производите ги вклучуваа во продажниот тек, заработувајќи на тој начин.

Македонски








