Skip to main content

Захарова: Западот насилно ги прекрои границите на Србија

Инстаграм/mzakharovamid

Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи ги оцени како апсурдни условите на Европската Унија за постигнување мир во Украина и обвини дека западните држави насилно ги прекроиле границите на Србија , пренесува РТС.

Коментирајќи ги условите што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги претстави како рамка за мир, Захарова напиша на својот канал на Телеграм дека ЕУ тврди оти границите не можат да се менуваат со сила, но дека истите тие држави го прекршиле тој принцип во случајот со Косово.

„Не е можно Урсула да не слушнала за Косово. Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, напиша Захарова.

Таа оцени дека ставот на ЕУ дека Украина не треба да ги ограничува своите вооружени сили значи одземање право на една суверена држава да решава за сопствениот одбранбен капацитет. Потсети и дека Германија прифатила слични ограничувања по Втората светска војна.

Во однос на изјавата на Фон дер Лајен дека ЕУ игра централна улога во обезбедување мир за Украина, Захарова праша „во кој момент точно“ Унијата обезбедувала мир.

Таа го нарече „најапсурдно“ тврдењето дека Украина избрала европска иднина, потсетувајќи дека поранешниот украински претседател Виктор Јанукович го суспендирал договорот за интеграција поради неподготвеноста на економијата и законодавството. Според неа, тоа резултирало со „уште еден Мајдан“, неуставен пуч во 2014 година и воспоставување „неонацистички режим“ во Киев.

Поврзани вести