
Претседателката на Косово во заминување, Вјоса Османи, денеска и ги предаде претседателските овластувања на претседателката на Парламентот, Албулена Хаџиу.
На церемонијата во Претседателството на Косово, Османи изјави дека зад себе остава „извонредни дела“ и дека е среќна што жена ќе ја преземе оваа функција до изборот на нов претседател.
Секогаш ми беше една од големите желби кога ќе ја напуштам оваа функција, да оставам жена зад себе. Оваа желба се исполнува денеска и искрено се надевам дека и вие ќе оставите жена на оваа позиција зад себе. Со целосна доверба дека жените секогаш покажуваат посебна грижа кон институциите и кон секој граѓанин на Републиката“, рече Османи.
Таа ѝ посака на Хаџиу многу успех во периодот во кој ќе ја извршува функцијата в.д. претседател на Косово.
Османи изрази желба Парламентот што е можно поскоро да избере нов претседател.
Хаџиу изјави дека за време на извршувањето на нејзините должности како претседател, ќе постапува во согласност со Уставот и законите, нагласувајќи дека ја разбира одговорноста и уставните обврски што ги презела.
Таа ѝ се заблагодари на претседателката во заминување Вјоса Османи за нејзината посветеност во служењето на Косово.
Хаџиу нагласи дека Уставот не ѝ дозволува да остане на позицијата вршител на должноста претседател повеќе од шест месеци и изрази надеж дека Парламентот ќе избере нов претседател што е можно побрзо, нагласувајќи дека новите избори не се добри ниту за граѓаните ниту за државата.
Таа ги повика пратениците да најдат решение за идниот претседател, оставајќи ги настрана политичките разлики и несогласувања.
Вјоса Османи беше шестиот претседател на Косово по 1999 година, а функцијата претседател ја презеде на 4 април 2021 година.

Македонски


