Skip to main content

Уште една жртва по пожарот во домот за стари лица во Тузла – бројот на загинати се искачи на 13

Синоќа во 23:01 часот во Универзитетскиот клинички центар во Тузла почина уште еден пациент кој беше хоспитализиран по тешкиот пожар што го зафати Домот за стари лица. Со ова, бројот на жртви од трагедијата се зголеми на 13, соопшти Клиничкиот центар.

Починатата пациентка била сместена на Клиниката за анестезиологија и реанимација, во тешка состојба и на апарат за механичка вентилација. Според лекарите, таа подлегнала на повредите здобиени во пожарот.

По несреќата, во тузланскиот клинички центар беа примени 30 лица, а моментално таму се лекуваат 13 пациенти.

„На Клиниката за анестезиологија и реанимација има тројца пациенти, од кои еден е на респиратор. Шест лица се згрижени на Клиниката за белодробни заболувања — еден полицаец и пет корисници на домот. Тројца пациенти се на Клиниката за внатрешни болести и се во стабилна состојба, додека еден е хоспитализиран на урологија“, информираа од УКЦ Тузла.

Обдукциите на 11 од жртвите покажале дека смртта настапила како резултат на задушување, додека кај едно лице биле пронајдени и траги од изгореници.

Пожарот, кој избувна во ноќните часови, покрена серија прашања за условите во домот. Јавноста бара одговори зошто неподвижните и најранливите лица биле сместени на горните катови на зградата, што ја отежнало нивната евакуација.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што, според официјални информации, 185 корисници биле под грижа на само три медицински лица во ноќта на несреќата. Истрагата го испитува и финансиското работење и управувањето со установата, за кои постојат сомнежи за нерегуларности.

Причината за пожарот сè уште не е утврдена. Директорот на Домот за стари лица во Тузла поднесе оставка, додека надлежните институции ја продолжуваат истрагата за трагичниот настан.

Поврзани вести