Skip to main content

Трагедија при враќање од Острог: Загина 21-годишна девојка, 17 тешко повредени

Фејсбук/VATROGASNA JEDINICA KOTOR

Млада девојка загина, уште 17 патници се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 13 часот кај местото Липци во Црна Гора. Според информациите на регионалните медиуми, минисбусот со кој група верници од Србија се враќале од посета на манастирот во Острог, удрил во камена падина покрај патот и се превртел.

фото: Фејсбук/VATROGASNA JEDINICA KOTOR

Во несреќата загина 21-годишна девојка, а уште 17 патници се повредени. Повредените биле пренесени во болницата „Васо Ќуковиќ“ во Рисан, каде 14 лица се задржани на лекување. Петмина се на интензивна нега, а останатите се со посериозни повреди.

Директорот на болницата информира дека станува збор за државјани на Србија кои престојувале во колективен сместувачки капацитет во областа Бока и кои биле на молитвено патување во манастирот Острог. Несреќата се случила при нивното враќање од посетата на светилиштето.

Меѓу повредените има и деца. Едно дете било реанимирано по приемот во болница и е пренесено во Клиничкиот центар во Подгорица за понатамошно лекување. Лекарите соопштија дека едно дете е во потешка состојба, додека останатите се со полесни повреди.

Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата за причините за несреќата. Првичните информации укажуваат дека возачот можеби бил уморен и поспан, но сите околности допрва треба да бидат утврдени.

Поврзани вести