
Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ и претседател на друштвото „Сонце“, Васил Стерјовски, информираше дека денеска и утре во Швајцарија ќе се одржат два значајни настани за Македонците во оваа земја.
-Првиот настан е голем концерт на кој ќе настапат културно уметничките друштва „Пирински гас“ од Пиринска Македонија, „Ефрем Каранов“ од Кратово Македонија, македонско друштво „Сонце“ Мала Преспа и македонското друштво „Македонци“ Егејска Македонија“. Канцертот почнува денеска попладне во 17 часот во Markthalle Burgdorf Sägegasse 19, Burgdorf, изјави Стерјовски за МИА.
Како што посочи, очекува да присуствуваат Македонци, но и нивни пријатели од сите делови на оваа земја, при што додаде дека тоа ќе биде вечер исполнета со музика што допира до срцето и емоции што се паметат.
-Ќе создадеме амбиент во кој секој момент ќе биде посебен, а заедничката енергија ќе ја направи оваа вечер магична. Многу луѓе, повеќе енергија и уште помоќна атмосфера што ќе ја направи вечерта вистински незаборавна. Ова нема да биде обична вечер – ова ќе биде вечер на љубов, традиција и ритам, вечер што ќе ја паметите долго, посочува тој.
Утре планирана е „Семакедонска трибина“ во организација на Македонскиот национален совет-Швајцарија, во соработка со КУД „Наум Охридски“ од Тринген, која ќе се одржи во 13:30 часот во Hubetstrasse 18 во овој град.
-На трибината ќе учествуваат Васил Стерјовски, голем борец за правата на Македонците во Албанија, Алексо Темелко намесник на парохијата за Мала Преспа, Ристо Џупанов, член на Претседателството и на Централниот совет на ОМО „Илинден“- Пирин и Гианис Стилианоу, основач и претседател на КУД „Македонци“од село Царнориново, активист и борец за правата Македонците во Егејска Макдонија. Ова е ретка можност на едно место да поразговарате со овие храбри луѓе и активисти од сите делови на Македонија, објави организаторот.