Skip to main content

Шести час протести во Ниш, десетици илјади луѓе на улица, повик за голем собир во Белград на 15 март

Протестот во Ниш наречен „Студентски едикт“ влегува во шестиот час, а десетици илјади луѓе и натаму се собрани на повеќе улици во поширокиот центар на градот.

Како што претходно јавија српските медиуми, се очекува протестот да заврши во три часот по полноќ.

На плоштадот Крал Милан во центарот на градот има голем транспарент на кој пишува „Генерален штрајк“.

Протестот се одржува на повик на студентите, а ги поддржуваат и моторџии, земјоделци, уметници и спортисти, а за насобраните во паркот кај Правниот факултет се подготвува храна и се дели бесплатно.

Студентите на плоштадот Крал Милан им оддадоа почит за 15 жртви при падот на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември во Нови Сад. Меѓу загинатите е и македонскиот државјанин Васко Саздовски.

Студентите, исто така, делат летоци со повик за голем собир во Белград на 15-ти март.

Студентите во Србија почнаа со протести и блокади и бараат објавување на целосна документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад; отфрлање на обвиненијата против студентите и младите уапсени и приведени за време на протестите поради уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад; поднесување кривични пријави против напаѓачи на студенти и професори и нивно гонење и зголемување на средствата од српскиот буџет за материјални трошоци на државните високообразовни институции за 20 отсто.

Поврзани вести