
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одлучи да го затвори пост-мониторинг дијалогот со Бугарија, но истовремено ги повика властите во Софија да постигнат напредок во спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено оние кои се однесуваат на одбивањето да се регистрираат здруженија на лица кои се изјаснуваат како етнички Македонци.
Во резолуцијата усвоена на почетокот на месецов, ПССЕ наведува дека иако е постигнат напредок во клучните реформи, остануваат нерешени прашања во областите на судството, борбата против корупцијата на високо ниво и човековите права на малцинствата. Поради тоа, ПССЕ ќе продолжи да го следи развојот на настаните во Бугарија во рамките на своите периодични извештаи.
Резолуцијата посебно нагласува дека над 90 водечки пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Бугарија чекаат на извршување, од кои околу една третина се постари од 10 години. Властите се повикуваат на соработка со Комитетот на министри на Советот на Европа за спроведување на пресудите, при што експлицитно се споменуваат случаите ОМО “Илинден” и други против Бугарија“ и слични предмети.
Бугарија досега не спровела ниту една од вкупно 16-те пресуди од Стразбур со кои е утврдено кршење на правото на слободно здружување на Македонците. Најголем дел од тужбите, вкупно 11, се поднесени и добиени од ОМО “Илинден”‘-Пирин, чија прва пресуда датира од 2001 година. Останатите пет пресуди се однесуваат на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други тужители.