Skip to main content

Ограбувал низ Загреб и Сплит од 4 јули до 1 август: Чилеанец направил штета од 800.000 евра ограбувајќи пет домови

Државјанин на Чиле (35) ограбувал низ Загреб и Сплит од 4 јули до 1 август оваа година и направил штета од дури 800 илјади евра, провалувајќи во вкупно пет домови. По враќањето од Далмација овој понеделник, не ни насетувал дека ќе го пречека полицијата. Тогаш бил уапсен и соочен со обвиненијата што против него ги собрале, со заедничка работа, загрепските и сплитските криминалисти.

Тој се товари за вкупно пет тешки кражби со провалување, од кои две биле извршени во главниот град Загреб, а три на подрачјето на Сплитско-далматинската полиција.

Загрепската полиција веднаш по добиените пријави од вознемирените и ограбени граѓани започнала потрага по крадецот, при што открила дека до една куќа и еден стан на подрачјето на Медвешчак, како и до куќа во Нов Загреб, пристигнал со такси.

Потоа, со употреба на физичка сила и соодветен алат, ги отворал вратите од терасите, влегувал во објектите и по деталните претреси со себе однесувал пари, повеќе парчиња накит, облека и други предмети, како и патни куфери и неколку „паричници“ за криптовалути и интернет трансакции.

По Загреб, се преселил во Далмација, каде во текот на ноќта меѓу 31 јули и 1 август, според истиот начин на дејствување, посетил два апартмани до кои, исто така, пристигнал со такси.

Тој им пришол на балконските врати, на кои најпрво го оштетил прозорецот, а потоа со употреба на физичка сила и соодветен алат ги отворил и влегол во објектот. За да си обезбеди непречено извршување на кривичното дело, вратите ги блокирал со столици, по што украл облека, парфеми, накит, други предмети за облекување, козметика, техничка опрема, паричник со документи и пари. Потоа со украдените предмети побегнал“, соопштила загрепската полиција, нагласувајќи дека соработката со колегите од Сплит, по собраните сознанија, дала резултат.

Полицијата го утврдила идентитетот на сторителот и започнала акција за негово приведување.

Во понеделник, 3 август, со упорна работа и интензивна соработка меѓу двете полициски управи, било утврдено дека осомничениот би можел да се движи од правец на Сплит кон Загреб. Таквата оперативна работа и координација резултирале со негово апсење при пристигнувањето во Загреб.

Материјалната штета предизвикана со извршувањето на кривичните дела изнесува повеќе од 800.000 евра – соопштила полицијата, која чилеанскиот крадец, заедно со кривична пријава, го предала на притворскиот надзорник, каде што ја поминал ноќта.

Бидејќи станува збор за странски државјанин, најверојатно ќе му биде одреден едномесечен истражен притвор поради опасност од бегство, како и поради можност да го повтори кривичното дело.

Поврзани вести