Skip to main content

Марта Кос убедува дека оваа генерација ќе доживее да ја види Европа обединета

Верувам дека оваа генерација, ако го направи работите како што треба, ќе го доживееме обединувањето на Европа, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето на панелот „Соработка меѓу НАТО и ЕУ: Основа за демократската отпорност во ерата на хибридна војна и странско мешање“ во рамки на 107-миот Семинар „Роуз-Рот“ што се одржува денеска во Европскиот парламент. 

– Геополитичкиот контекст денес е фундаментално различен од оној што го имавме порано и во такви услови проширувањето го надмина својот технички карактер и стана клучна геополитичка алатка на Унијата во соочувањето со предизвиците кои светскиот поредок базиран на правила ги нема видено од Втората светска војна, рече Кос. 

Таа посочи дека проширувањата е еден од најдобрите примери за соработката меѓу ЕУ и НАТО, бидејќи во многу земји реформите за пристапување во Унијата одеа паралелно со членството во НАТО, за што постојат слични барања поврзани со демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Кос нагласи дека интегрирањето на земјите од Централна и Источна Европа во структурите на ЕУ и НАТО им обезбедило економски можности и услови да напредуваат и да се трансформираат во успешни приказни. 

– НАТО останува важен овозможувач на проширување преку заштита на оние кои веќе се негови членки, како што се Албанија, Црна Гора и секако Македонија, истакна Кос, додавајќи дека Алијансата е партнер на ЕУ и во поддршката за Украина, преку силите на КФОР во Косово, како и во поддршка на нејзината мисија во Босна и Херцеговина. 

Според неа, јасно е дека ако Европејците сакаат да ги одбранат своите демократии и заедницата на споделени вредности, мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, што бара огромни напори, но исто така носи и можности. 

– Затоа мора да продолжиме да инвестираме во одбраната на Украина и да и помогнеме на нејзиниот пат кон ЕУ. Но, не е само Украина. Треба да ги отстраниме и другите преостанати „црни точки“ и да го обединиме нашиот континент, бидејќи поголемата и обединета Европска Унија е клучна за европската сила и безбедност и затоа сега треба да ја завршиме работата за европско единство под многу потешки околности отколку во минатото, додаде Кос. 

Според неа, овие потешкотии произлегуваат од тоа што денес при проширување се соочуваме со „непријатели на слободата“, кои трошат огромни суми за да го попречат процесот и инвестираат во поларизирање на општествата, дестабилизирање на демократиите и еродирање на довербата во земјите кандидати за членство. 

– Со тоа треба да се справиме само заедно ако сакаме да го заштитиме демократскиот простор, а ЕУ и НАТО се бранители на демократскиот простор, па затоа немаме друг начин освен да се надополнуваме еден со друг во справувањето со кампањите на лажни информации и хибридни закани, рече Кос. 

Таа истакна дека ЕУ разви инструмент кој обезбедува услуги за одговор и справувањето со големи инциденти поврзани со кибер безбедноста, до кој пристап имаат и земјите опфатени со процесот на проширување од Западниот Балкан, како и Молдавија и Украина. 

– Тоа е најсилната алатка што ја има Европската Унија за да изгради демократска отпорност во Европа. Работиме со земјите кандидатки за да помогнеме во изградбата на институции, робусно и отпорно судство и силно општествено ткиво каде што граѓаните можат да напредуваат, додаде Кос. 

Еврокомесарката оцени и дека ако ги продолжат преговорите за членство со сегашната брзина, Црна Гора би можела да ги заврши на техничко ниво до крајот од 2026, а Албанија до крајот од 2027 година, со што би можеле да станат членки на ЕУ во мандатот на сегашната Европска комисија.  

Според неа, ЕУ треба да им помогне на оние земји кои слободно избрале и вложуваат напорна работа за да се приклучат на европската заедница на вредности, со тоа што ќе го направи последниот чекор за конечно да го заврши обединувањето на Европа. 

– Проширувањето денес, за мене, е многу повеќе од зголемување на Европската Унија во квадратни километри или во бројот на луѓе. Тоа денес е важно за безбедноста. Никогаш немало војна на територијата на Европската Унија. Имаше во Европа, дури и во мојата земја, во мојата поранешна држава Југославија и војната беше навистина лоша, но никогаш ја немаше на територијата на Европската Унија. Затоа денес е важно обединувањето на Европа. Никогаш порано не сме го имале ова, ако го направиме како што треба, ќе успееме, заклучи Кос. 

Поврзани вести