Skip to main content

Марта Кос со повеќе пари ќе ги доближува земјите кандидати во ЕУ

Новата Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година покажува дека проширувањето е јасен политички и геостратешки приоритет за Европската Унија, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.  

– Многу од нашите земји кандидатки имаат амбиција да ги завршат преговорите во наредните години. Тие се наши најдоверливи партнери и ние ги поддржуваме колку што можеме, а новиот Мултифункционален финансиски план ја одразува таа реалност, истакна Кос. 

Таа посочи дека со следната буџетска рамка се предвидува значително зголемување на средствата за поддршка на земјите кандидати од сегашните 31 милијарди на 42,6 милијарди евра, што претставува раст за 37 отсто.  

– Со поголем буџет можеме дополнително да го забрзаме темпото на реформите и инвестициите, што ги доближуваат земјите до членство во ЕУ, истакна Кос. 

Таа додаде дека со идната финансиска рамка се предвидени и 100 милијарди евра за поддршка на реформите, обнова и модернизација на Украина од 2028 година и нејзино приближување до ЕУ 

– Оние кои мислеа дека европската поддршка ќе се намалува со текот на времето грешеа. Времето не е на страната на Русија, додаде Кос. 

Еврокомесарката нагласи и дека исплатата на овие средства ќе се базира на принципите на заслуги и на спроведувањето на обврските, првенствено предвидени со реформските агенди. 

Кос додаде дека доколку некоја од земјите кандидати ги заврши преговорите за членство за време на важноста на оваа буџетска рамка, со неа ЕУ ќе склучи пристапен договор, со кој ќе се регулираат нејзините обврски кон буџетот на Унијата. 

 – Се на се, овој предлог за Мултилатералниот финансиски план е силна основа за реализација на процесот за проширување, заклучи Кос. 

Таа истакна дека се предвидува и на земјите кандидати да им се овозможи пристап до целиот сет алатки на инструментот „Глобална Европа“, што нема да биде само техничка помош, туку и поддршка за спроведување на реформите и инвестиции, што сигурно ќе им помогне да стигнат до својата цел. 

– Сакам да кажам дека проширувањето не ја прави ЕУ само поголема по бројот на квадратни километри и по бројот на луѓе. За мене тоа е многу повеќе. Туку станува збор за обединување на Европа, па затоа со зголемување на поддршката на сите оние кои вложуваат напорна работа за да ги исполнат условите за членство, ние сме на патот да ја обединиме нашата Европа, додаде Кос. 

На новинарско прашање до каде се преговорите со Србија, Кос нагласи дека согласно договореното во ноември минатата година, за продолжување на преговарачкиот процес земјата треба да усвои нов закон за медиумите, што е сторено пред неколку недели, да го измени изборното законодавство и да донесе закон за регулаторот за електронски медиуми. Паралелно со ова, според Кос, Србија мора да оствари напредок во почитувањето на основните принципи за владеењето на правото, борбата против корупцијата и во нормализација на односите со Косово. 

Кос изјави и дека иако Косово нема статус на кандидат за членство, сепак ќе биде опфатено со поддршка предвидена со новиот буџет, како што е вклучено и во Планот за раст на Западниот Балкан.  

Кога станува збор за Турција, пак, еврокомесарката нагласи дека иако таа е земја кандидат, пристапниот процес со неа е во застој во 2019 година, па нема да биде опфатена со овие инструменти за поддршка на проширувањето. 

Што се однесува до преговорите со Молдавија и Украина, Кос рече дека финализира изработката на извештаите од скрининг процесот и изрази надеж дека земјите членки на ЕУ ќе постигнат консензус преговорите со нив по Кластерот еден да почнат на есен

Поврзани вести