Skip to main content

Косово затвора паралелни српски институции, Србија ќе продолжи да ги финансира работниците, Амбасадата на САД ја критикуваше одлуката на Приштина

Косовските власти и годинава продолжија со затворањето на институциите кои работат во српскиот систем, што официјална Приштина го смета за незаконско.

На 8 јануари е затворена даночната управа во Северна Митровица,  една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово.

Српска Листа – најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград,  соопшти дека косовските власти ги затвориле нејзините простории, но не и даночната управа на Република Србија, која работи во Косово.

По средбата со околу 80 вработени во оваа управа, од Српска Листа соопштија дека ќе продолжат нормално да ги добиваат сите поволности од буџетот на Република Србија.

Оваа партија има остварено слични средби и со работниците на Управата за урбанизам, Дирекцијата за станбен и деловен простор и Дирекцијата за градежно земјиште во Северна Митровица, кои беа затворени на крајот на декември 2024 година, и им ветиле на работниците  дека и понатаму ќе земаат плати и дека ќе им биде понудена секаква поддршка, пренесуваат косовските медиуми.

Косово започна со затворање на паралелните српски  институции уште во јануари 2024 година, првично ставајќи катанец на привремените општински тела Драгаш, Сухарека, Призрен и Раховец, кои се наоѓаа јужно од реката Ибaр.

На 2 февруари 2024 година, косовските власти затворија три паралелни српски општини во Пеќ, Истог и Клина.

Канцеларијата за Косово во Владата на Србија соопшти дека шефовите на привремените тела се приведени од косовската полиција на сослушување.

Шефот на оваа канцеларија, Петар Петковиќ, полициската акција ја опиша како „продолжение на етничкото чистење“ на Србите кои живеат во Косово.

На 30 август 2024 година беа затворени пет паралелни српски институции, округот Митровица на Косово, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ беа следните цели на агенциите за спроведување на законот.

Во текот на 2024 година не беа затворени само српските паралелни општини, на 5 август беа затворени и девет филијали на Поштата Србија на северот на Косово.

Властите затворија три објекти во Северна Митровица и Лепосавиќ, два во Звечан и еден во Зубин Поток.

Во текот на 2024 година затворени се Поштенската штедилница, Институтот за пензиско и инвалидско осигурување во Северна Митровица, трезорот на Народната банка на Србија во Лепосавиќ, како и неколку општински претпријатија, сите кои работат со паралелниот српски систем.

На самиот крај на годината  беа затворени две српски јавни претпријатија кои работеа по српски систем, Дирекцијата за станбен и деловен простор и Дирекцијата за градежно земјиште и Јавното претпријатие за урбанизам во Северна Митровица.

Сите овие институции со илјадници работници функционирале во српскиот систем.

Општина Зубин Поток ја презеде контролата и врз станбените објекти кои се изградени со средства од Владата на Србија.

Во Северна Митровица, беа прекинати неколку проекти финансирани од Србија – меѓу нив, изградбата на универзитет кој би функционирал во рамките на српскиот систем.

На крајот на 2023 година, Агенцијата за приватизација ја презеде контролата врз одморалиштето Рајска Бања во Бањска, кај Звечани, чиешто реновирање и изградба беше иницирано од Владата на Србија, преку нејзината Канцеларија за Косово, во 2015 година.

Српските власти соопштија дека српската влада во овој проект инвестирала околу седум милиони евра.

Реакции

Српскиот претседател Вучиќ во септември изјави дека нивното затворање оставило околу 5.800 луѓе без работа, но дека тие ќе продолжат да ги добиваат своите плати.

Канцеларијата за Косово во Владата на Србија го опишува затворањето на српските институции на Косово како „конфискација на српскиот имот и окупација“.

Министерот за внатрешни работи на Република Косово, на новинарско прашање за акцијата, која беше критикувана и од САД и ЕУ изјави дека затворените институции немале дозвола

„Тоа што го прават институциите на Косово е многу нормално, тие немаа дозвола“, рече Свечла.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина ја критикуваше оваа одлука и рече дека е „загрижена и разочарана“ од континуираните некоординирани дејствија на Владата на Косово кои го одразуваат растечкото влошување на односите меѓу двете земји.

Поврзани вести