
Грчката иницијатива за европската перспектива на земјите од Западен Балкан ќе се разгледа на утрешниот Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел, на кој ќе учествува шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, информираше портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија за време по учеството на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон минатиот месец изјави дека „патот на Западен Балкан кон европското семејство треба да се забрза, а Грција ќе се погрижи во оваа насока со низа иницијативи“, по што дописничката на МИА од Атина побара дополнителни детали околу овие иницијативи од портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција.
Зохиу денеска посочи дека Западен Балкан ќе биде тема на состанокот на Советот за надворешни работи и ќе биде во рамките на грчката позиција за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот.
Министерот за надворешни работи тогаш се осврна на иницијативите што ќе ги преземе Грција во особено тешки услови за проширувањето и европската перспектива на Западен Балкан. Ова е една тема за која ќе се разговара на состанокот на Советот за надворешни работи. За интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, Грција останува земја што ја забрзува процедурата, секако под предуслов дека се почитуваат и исполнуваат условите, како што се почитување на европското законодавство и владеењето на правото, објасни портпаролката на грчкото МНР.

Македонски









