
-Во Грција официјално од денеска започнува 35 – годишната концесија на најдолгиот автопат во земјата – Виа Игнација (Егнација Одос), за што грчката држава веднаш инкасираше околу 1,3 милијарди евра. Концесионерскиот договор опфаќа три дела, од кој еден е исплаќање на 1,5 милијарди, потоа одржување за над 1,5 милијарди и уште 420 милиони во чија рамка влегува и изградба на современ „затворен“ автопат кон нашата земја, прашање кое беше дискутирано меѓу вицепремиерот Николоски и министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, при неодамнешната средба во Грција.
Како што објавуваат грчките медиуми, Фондот за раст официјално ги предаде клучевите на концесионер од најдолгиот автопат во Грција, Виа Игнација (Егнација Одос) и неговите три главни вертикални оски на „NEA EGNATIA ODOS PARACHORISI S.A.“ (предводен од GEK TERNA и EGIS PROJECTS) за следните 35 години.
Тоа што е за нас битно е дека 420 милиони евра ќе бидат вложени на 50-тина километри автопат кон Евзони односно до границата со Македонија, а што беше дел од договорот на македонскиот вицепремиер Александар Николоски со неговиот грчки колега при последната посета на Николоски во Атина.
Севкупниот концесионерски договор, посочува “Грчки Репортер“, вклучува итна исплата од 1,275 милијарди евра (приближно 1,50 милијарди долари) на грчката држава, нешто што е веќе направено и според медиумот претставува огромна победа за националната економија и намалувањето на јавниот долг.
Проектот, освен делот кон нашата земја, опфаќа над 1.000 километри пат. Целта е едноставна: трансформирање на „сивата“ инфраструктура во мрежа од светска класа, безбедна и модерна.

Македонски





