
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) денеска ги потврди резултатите од парламентарните избори на 9 февруари, на кои движењето Самоопределување победи со 390.000 гласови или 42,30 отсто од гласовите (48 од вкупно 120 пратенички места).
На второ место е Демократската партија со повеќе од 190.000 гласови или 20,95 отсто (24 пратенички места), а по неа е Демократската лига (ЛДК) со околу 170.000 гласови или 18,27 отсто (20 пратенички места).
На четврто место е Српската листа со 39.915 гласови, 4,26 отсто од гласовите и девет пратеници, а на петто е коалицијата меѓу Алијансата за иднината на Косово (АБК) и Социјалдемократската иницијатива со повеќе од 66.000 гласови или 7,6 отсто (осум пратенички места во Собранието).
Резултатите беа потврдени со девет гласа „за“ и два „против“.
Со денешното потврдување на резултатите, Владата на Косово станува влада во оставка, а сите министри и заменици министри и градоначалници кои добија мандати за пратеници треба да поднесат оставки, како што е предвидено во Законот за влада на Косово и Законот за општи избори.
По потврдувањето на резултатите, ЦИК ќе ја достави листата на пратеници до претседателот на Косово, кој има најмногу 30 дена да закаже конститутивна седница на Парламентот.
По конституирањето на парламентот почнуваат да течат роковите за формирање влада на Косово.
Според Уставот, претседателот најпрво и го дава мандатот за формирање влада на победничката партија, а доколку таа партија не обезбеди најмалку 61 глас во Парламентот, претседателот го дава мандатот на друга партија, а ако ниту таа партија не го стори тоа, претседателот, според Уставот, го распушта Парламентот и распишува нови избори најдоцна во рок од 45 дена.