Skip to main content

Во Прилеп отворена изложбата „Падот на ангелите“ на Никола Пијанманов

Центар за култура „Марко Цепенков“ Прилеп / Никола Пијанманов

„Падот на ангелите“ е изложбата на слики од уметникот Никола Пијанманов, што беше отворена синоќа во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметникот се претставува со 18 слики.

На отворањето на изложбатаПијанманов и Александар Еленин, главен и одговорен уредник на „Стремеж“, водеа дијалог за паднатите, за очајот и за последното возвишено воинство.

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ Прилеп

Еленин пишувајќи за изложбата ќе забележи: „ги гледаме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината. И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат“.

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ Прилеп

Никола Пијанманов, има реализирано бројни самостојни и групни изложби во земјава и странство. Остварил студиски уметнички престои во Париз и во Њујорк, а реализирал повеќе сликарски проекти во претстави, илустрирал книги, изработил дела во јавен простор.