
Во рамките на празнувањето на Денот на независноста – 8 Септември, освен музичката програма со Скопскиот дувачки квинтет – денеска во Македонскиот културен центар во Белград беше отворена исклучително интересна изложба „Простори на конјукција“ – во соработка со Националната галерија на Македонија и Министерството за култура.
Изложбата првично е претставена во Софија во август, сега е во Белград и ќе биде поставена до крајот на септември. Во почетоткот на октомври ќе биде поставена во Истанбул и до крајот на годината во Загреб.
– Концепцијата што ја правеа кураторите за изложбата, е „приказна“ – Простори на спојување. Тука станува збор за комуникација меѓу големите наративи, големите идеи, големите нешта што го движат светот, и – малите лични драми, успеси подеми и падови кои уметницте ги имаат низ своите дела во комбинирани техники на начини на кои најдобро го претставуваат тоа – како нивните мали наративи лични комуницираат со големата приказна, нагласи во обраќањето директорот на Македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.
Програмскиот раководител на Националната галерија Маја Крстевска наведе дека проектот „Простори на конјункција“ – Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија – ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза.

– Овдека се претставени 20 ликовни уметници со свои дела – што трансферираат од цртеж, графика преку фотографија и мултимедијален принт.Изложуваат еминентни автори и професори на Факултетот за ликовна уметност, наведе таа.

Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.
„Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој кој влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.