
Одлуката на Управниот суд за поништување на изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка не е задоцнета, туку единствено законита и правно аргументирана одлука донесена во законски водена постапка, соопштија денеска од Управниот суд.
Во врска со јавно изразените ставови на уставни судии и членови на други судски инстанци, а поврзани со одлуката на Управниот суд по предметот У-5.бр.380/25, во врска со Одлуката за избор на судија на Уставниот суд на РМ бр.08-2239/1 од 10.04.2023 година на Собранието на РМ, сакаме да ја информираме јавноста дека во конкретниот случај не се работи за задоцнета одлука, туку единствено законита и правно аргументирана одлука донесена во законски водена постапка, се наведува во соопштението.
Од Управниот суд посочуваат дека одлуката ја донеле согласно одредбата од членот 3 став 1 точка 5 од Законот за управните спорови, согласно кој „во управниот спор судот одлучува за законотоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието на РМ, Претседателот на РМ, Владата на РМ, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локалната самоуправа”.
Во таа насока, напоменуваме дека тужбата, изјавена против Одлуката за избор на судија на Уставниот суд на РСМ бр.08-2239/1 од 10.04.2023 година на Собранието на РМ е поднесена на 16.10.2023 година и по истата Управниот суд првично одлучил на 08.11.2023 година, односно во рок пократок од 1 (еден) месец од поднесувањето на тужбата. Одлуката била обжалена, по што второстепениот суд донел одлука на ден 28.02.2024 година, односно решение со кое жалбата е уважена, одлуката на Управниот суд е укината и предметот е вратен на повторно одлучување. Управниот суд, по низа превземени процесни дејствија донесе одлука, против која повторно е изјавена жалба, која Вишиот Управен суд со Решение УРПЖ.бр.373/24 од 08.04.2025 година, ја уважи и предметот го врати на повторно одлучување. Во повторна постапка, а имајќи ја предвид одлуката на Вишиот Управен суд, како и по извршена темелна правна анализа, Управниот суд ја донесе одлуката по предметот У-5.бр.380/25 на ден 15.05.2025 година, односно во рок пократок од 1(еден) месец, по донесената одлука на повисокиот суд, се наведува во соопштението.
Согласно горенаведеното, како што посочуваат во соопштението, произлегува дека сите процесни дејствија од моментот на поднесувањето на тужба до моментот на донесување на одлуката, Управниот суд ги превзел брзо, ефикасно, навремено, во рокови пократки од законски предвидениот рок.
Оттука, изјавите дадени во врска со предметот У-5.бр.380/25 од уставни судии и членови на други судски инстанци се неприфатливи и серизоно го нарушуваат уставното начело на независност на судството со тоа што повикуваат на јавна одговорност на судиите преку медиумите за донесена судска одлука, без почитување на независноста на судската власт, а притоа употребувајќи типологии како “време и невреме”, велат од Управен суд.
Оттаму посочуваат дека жалат што дел од чинителите на правосудната власт, со неаргументирани изјави ја поткопуваат судската независност која е темел на правната држава, а воедно и интегритетот и довербата во судството, кон кои сите се стремиме.
Судовите се обврзани да носат одлуки исклучиво врз основа на Уставот, законите и доказите, ослободени од надворешни влијанија од било каква природа. Само на тој начин може да се обезбеди довербата на граѓаните во правниот систем и да се зачува интегритетот на институциите, нагласуваат од Управниот суд.
На крај, како што потенцираат од Управниот суд, независното судство не е само професионален и морален императив – тоа е услов за стабилност, просперитет, правна сигурност и обезбедување на начелото на владеење на правото во нашето општество.