
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема посебна реакција на неодамна објавените фотографии поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, меѓу кои има и такви на кои се гледа тој во негово друштво, наведувајќи дека Епстин им бил познаник на многу луѓе.
Не ги видов фотографиите, но сите го знаеја тој човек. Беше насекаде во Палм Бич, има фотографии со сите, стотици луѓе, така што тука нема ништо посебно. Јас за тоа не знам ништо“, кажа Трамп на настанот во Белата куќа.
Трамп претходно наведе дека го прекинал познанството со Епстин пред многу години и дека немал сознанија за неговите кривични дела.
Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, ги обвини демократите во американскиот Конгрес дека селективно објавуваат и едитираат фотографии за, како што наведе, да го засрамат претседателот. Таа истакна дека демократите „бирале фотографии по сопствен избор“ за да создадат „лажен наратив“.
Џексон во соопштението ги спомна и демократите Стејси Пласкет и лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом на САД, Хаким Џефрис, тврдејќи дека, според достапните документи, имале контакти со Епстин по неговата осуда во 2008 година за кривични дела поврзани со проституција на Флорида.
Претставници на Републиканската партија во Одборот за надзор ги критикуваа демократите поради објавувањето на, како што наведуваат, ограничен број фотографии од збирката од повеќе од 95.000 снимки што Конгресот ги добил од заоставштината на Епстин. Според нивните зборови, во документите нема докази за какво било кривично дело на претседателот Трамп.
Најмалку три фотографии објавени од одборот ги прикажуваат Трамп или поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Ниту Трамп, ниту Клинтон не се обвинети за незаконски дејства поврзани со Епстин.

Македонски






