
Фудбалерите на Шкендија славеа со 2:0 против Слован Братислава со што се приближија до пласман во нокаут фазата од ова натпреварување.
Натпреварот беше решен во првото полувреме кога тетовци дојдоа до двата гола.
Шкендија поведе со гол од корнер во 31 минута. По нафрлувањето на Бесарт Ибраими, гостинскиот дефанзивец, Кенан Бајриќ се обиде со глава да ја избие топката од сопствениот шеснаесетник, но само ја испрати крај левата статива од сопствениот гол.
До вториот гол, фудбалерите на Шкендија, дојдоа пред самиот крај на полувремето, кога Роналдо Вебстер се проби по левата страна, испрати остар центаршут кон петерецот, каде што Себастјан Спахиу ја спроведе топката во празната мрежа.
Вториот дел измина без поголеми возбудувања. Фудбалерите на Шкендија имаа неколку опасни контранапади, а најдобрата шанса ја имаа во 87 минута кога ја погодија гредата од голот на Слован.
Со овој триумф, Шкендија е на 18. место на табелата во ова натпреварување со седум бодови.

Македонски







