Skip to main content

Претставите „Варвари“ и „Мој термин“ ќе гостуваат во Словенија – потпишан договор за соработка меѓу МНТ и СНГ Марибор

Македонски народен театар / Сцена од претставата „Варвари“ во режија на Владимир Милчин

Претставите во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) „Варвари“ во режија на Владимир Милчин и „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов во октомври годинава ќе гостуваат во Словенија, на сцената на Словенечкото народно гледалиште (СНГ) Марибор. Ова е резултат на Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа директорот на МНТ Никола Кимовски и првиот човек на мариборската драма Данило Рошкер, со што се воспоставува континуирана институционална размена меѓу двата театри, соопштија од Националниот театар.

Директорот на МНТ Никола Кимовски и првиот човек на мариборската драма Данило Рошкер / Фото: Фејсбук профил на МНТ

Оваа соработка претставува стратешки исчекор кон поотворен и комуникативен модел на национална театарска институција, во кој МНТ се позиционира како активен учесник во регионалниот културен простор, преку размена на продукции и авторски практики. Договорот ја нагласува заедничката определба за понатамошен развој на културата врз основа на меѓународна соработка, како и промоција на културното наследство на национално и европско ниво, со продлабочување на театарските и културните односи. Меморандумот предвидува промоција на театарската култура преку размена на претстави, учество на фестивали, конференции и тркалезни маси и меѓусебни покани за премиери и гостувања, велат од МНТ.

Синоќа, на сцената на МНТ беше изведена претставата „Амадеус“ во режија на нашиот Александар Поповски, во продукција на СНГ Марибор – режисерски прецизно конципирана претстава, со јасна актерска партитура и визуелно раскошен концепт, која ја артикулира комплексната релација меѓу Моцарт и Салиери. Претставата беше дел од прославата на 81-от роденден на МНТ.

Во рамки на прославата на роденденот на националниот театар, на 3 април ќе биде изведена монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata) според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, претстава која е омаж за Томаж Пандур на мариборската драма, и на 4 април „Другата страна“ во режија на Борис Лијешевиќ (Црногорското народно позориште).



Поврзани вести